Норвешка ќе стане првата земја во светот што практично ќе ги отстрани автомобилите што користат дизел и бензин од пазарот на нови возила.
Иако располага со огромни резерви на нафта и гас, Норвешка одамна е препознаена како глобален лидер во одржливиот транспорт. Продажбата на електрични возила (EV) во оваа земја порасна за помалку од 1% од вкупната продажба на автомобили во 2010 година на дури 88,9% минатата година, а тој тренд не покажува знаци на забавување.
Според податоците на Управата за јавни патишта, повеќе од 96% од новите автомобили продадени во првите недели од оваа година биле електрични. Со тоа, Норвешка е многу блиску до постигнување на целосна транзиција кон електрични возила, цел што првпат беше поставена како необврзувачка во 2017 година, пренесува CNBC.
Прослава на преминот кон електрични возила
Кристина Бу, генерална секретарка на Норвешката асоцијација за електрични возила, очекува дека Норвешка ќе ја достигне оваа цел. Таа најави прослава како историски момент за земјата.
„Веќе повикавме многу политичари и други учесници на забава на 13 февруари, бидејќи сите предвидуваат дека годинава уделот на електричните автомобили ќе биде меѓу 95% и 100%“, изјави Бу.
Доследна политика како клуч за успехот
Заменичката министерка за транспорт, Сесили Книбе Кроглунд, истакна дека клучот за успехот на Норвешка е воведувањето на долгорочни и конзистентни политики што ја поттикнуваат употребата на електрични возила, наместо забранување на возилата со мотори со внатрешно согорување.
За разлика од Европската унија, која планира забрана за продажба на автомобили на фосилни горива до 2035 година, или Обединетото Кралство, каде што слична забрана се предвидува за 2030 година, Норвешка избегна забрани и се фокусираше на стимулации. Тие вклучуваат ослободување од ДДВ, попусти на патарини и паркинзи, како и пристап до автобуски ленти. Владата исто така инвестираше во инфраструктурата за полнење на возилата, додека многу граѓани можат да ги полнат своите возила дома.
Кроглунд промените ги опиша како „нова нормалност“ за Норвешка.
„Транспортот е клучен за климатски прифатливи решенија. Успехот што го имавме со автомобилите сега се обидуваме да го примениме и во други области на транспортот,“ изјави Кроглунд. Планот е до 2025 година сите градски автобуси да бидат целосно електрични, додека до крајот на деценијата 75% од тешките возила треба да бидат на обновливи извори.
Пошироко влијание и лекции за другите земји
Иако електричните возила доминираат во продажбата на нови автомобили во Норвешка, само 28% од вкупниот возен парк се електрични, додека во Осло тој процент е над 40%. Според Кристина Бу, промените во политиката довеле до „ментален пресврт“ во општеството, при што многу скептични возачи се префрлиле на електрични возила откако ги увиделе нивните предности.
Норвешка исто така го користи својот статус на богата земја со евтина енергија за да го олесни преминот кон електрични возила, што претставува предизвик за другите земји. На пример, Германија минатата година ги укина субвенциите за електрични автомобили поради буџетски проблеми, што доведе до пад на продажбата.
Професорот Харалд Нилс Роствик од Универзитетот во Ставангер смета дека враќањето на дизел автомобилите е незамисливо.
„Предностите на електричните автомобили се бројни – тие се тивки, економични, еколошки прифатливи и за многумина претставуваат статусен симбол,“ изјави Роствик, заклучувајќи дека „технологијата и општеството неповратно се менуваат.“