![Се спрема ново покачување на цените: Летово ќе пиеме поскапо кафе](https://s.vrabotuvanje.com.mk/data/images/preview/article/61/285beb16-resize-820x0x100.jpg)
Угостителите велат дека поради светските цени на кафето и во земјава омилениот напиток на многу Македонци ќе биде поскап. Наскоро ќе има нови цени. Она што е сигурно е дека и во македонските туристички центри, летово ќе пиеме поскапо кафе, пишува порталот Фактор.
Во Охрид ќе пиете еспресо за 100 денари, макијато за 120 денари и нес кафе за 160 денари. Во некои локали може да се најдат за нијанса пониски, но и повисоки цени. На атрактивните локации со убав поглед на езерото и цените се повисоки.
„Сега брзо немавме корекција на цени, но можно е во лето да имаме нови цени, повисоки“, додаваат од охридско кафуле.
Во Струга еспресото чини од 50 до 70-80 денари, макијатото најчесто е 80 денари, а нес кафе има за 80 денари.
„Кафето од кај што го набавувам од 280 денари за килограм сега ќе чини 1.200 денари. Што поскоро ќе има покачување на цените, инаку со овие цени не се издржува“, додава сопственик на кафуле во Струга.
Во Скопје, на периферија еспресото може да ве чини 80 денари, за макијатото ќе треба да платите 90 денари, а нес кафе се наоѓа и за 100 денари, но, на атрактивните локации во центарот на градот, цените се повисоки исто како како тие во Охрид.
Во Берово, еспресото чини 50 денари, макијатото е 60, а несот е 70 денари. Се очекува за брзо време да има поскапување. Угостителите велат дека сега е мртов период, нема многу гости, но за некој месец, ќе има и нови цени.
Во Дојран, еспресото чини од 60 до 80 денари, макијатото е од 80 до 100 денари, а несот се продаваше од 90 до 120 денари. Ова лето се очекува поскапување, а дел од кафулињата работат само во сезоната.
Во Крушево, еспресото чини 60 денари, макијатото е 70 денари, а несот е 80 денари. Би требало од идната недела да има нови, повисоки цени според угостителите.
Но, и во маркетите цените на кафето се повисоки, како и на какаото. Цените на какаото и кафето се зголемија за околу 180 отсто и 70 отсто, соодветно, во 2024 година, поради прекините на синџирот на снабдување, неповолните временски услови и растечката глобална побарувачка. Кафето сега има висока цена каква немало претходно.
Неповолните временски услови во главните земји кои произведуваат кафе, како Бразил и Виетнам, доведоа до поскапувањата. Бразил, најголемиот производител на кафе Арабика, имаше суши и шумски пожари во критичните региони како Сао Паоло. Во меѓувреме, Виетнам, водечки производител на кафе Робуста, доживеа долги суши, што доведе до ниски нивоа на влага во почвата. Дополнително на притисоците од страната на понудата се зголемува глобалната побарувачка за кафе, особено на големите пазари како Кина.
Извор: faktor.mk