Македонија се соочува со сериозна криза на занаетчии – веќе сега е тешко да се најде добар водоводџија, електричар или молер, а трендовите покажуваат дека ситуацијата ќе биде уште полоша.
Со сè помалку млади што избираат занаетчиски професии и сè повеќе искусни мајстори кои заминуваат во пензија или во странство, наскоро можеби ќе треба самите да ги решаваме проблемите во домаќинствата.
Благоја Јовановски, водоводџија од Скопје со 30-годишно искуство, вели дека телефонот му ѕвони од утро до вечер.
„Пред 10 години работев нормално, имав неколку клиенти дневно и доволно време за пауза. Сега, нема кој да работи, а побарувачката е огромна. Луѓето чекаат по неколку дена за замена на чешма или поправка на цевка“, вели Јовановски.
Според него, најголемиот проблем е што младите не сакаат да се занимаваат со занаети.
„Сите бркаат факултети и канцелариски работи, а не сфаќаат дека во оваа работа има добри пари. Јас месечно заработувам повеќе од некои инженери, ама никој не сака да ги извалка рацете“, додава тој.
Младите избегнуваат занаетчиски професии
Дел од причините за оваа состојба се образовниот систем и перцепцијата на општеството. Во минатото, занаетчиите беа почитувани, но денес, многу млади гледаат на овие професии како на „пониски“ и несоодветни за нив.
Александар Дојчинов, економски аналитичар, вели дека проблемот е во начинот на размислување.
„Родителите ги тераат децата да одат на факултет без разлика дали имаат интерес или талент за тоа. Како последица, имаме премногу економисти и правници, а премалку занаетчии. Секој сака сигурна работа во канцеларија, а не да монтира бојлери или да поставува плочки“, објаснува Дојчинов.
Стручните училишта празни, мајсторите заминуваат
Стручните училишта, кои некогаш беа расадник за квалификувани работници, сè помалку имаат заинтересирани ученици.
„Пред 20 години имавме полни паралелки за водоинсталатери и електричари. Сега едвај се формира една група, а децата што се запишуваат често немаат вистински интерес. Од друга страна, искусните мајстори заминуваат во странство за подобра плата, па домашниот пазар останува без кадар“, вели професорка во едно стручно скопско училиште.
Ако трендот продолжи, ситуацијата ќе стане критична. Веќе сега некои мајстори наплатуваат високи суми за едноставни поправки, бидејќи нема конкуренција. Ако бројот на занаетчии продолжи да опаѓа, цените уште повеќе ќе растат, а граѓаните ќе мора да чекаат со денови, па дури и недели за основни поправки.
Антонио Ѓурчинов, сопственик на авто-сервис, смета дека државата треба да преземе мерки.
„Треба да се стимулираат младите со стипендии, олеснување за регистрација на занаетчиски бизниси и подобри услови за работа. Ако не се преземе нешто, наскоро нема да има кој да ни ја поправи струјата или водоводот“, предупредува Ѓучинов.
Кризата со занаетчиите е реална и веќе се чувствува. Ако не се сменат ставовите кон овие професии и не се преземат мерки за нивно стимулирање, Македонија ќе се соочи со сериозни проблеми.
Можеби ќе дојде време кога за замена на обична чешма ќе треба да се закажува мајстор неколку месеци однапред.
Извор: denar.mk