
Воспитувачките и негувателките се работни места за жени, градежните работници се претежно мажи. Со вакви стереотипи се класифицираат работниците во нашата земја, со што се прават однапред поделби на работниците според пол, што за економските експерти е причина за послаби економски перформанси.
- Овие родови претпоставки ги наведуваат работодавците да исклучат големи сегменти на потенцијални вработени, што резултира со тоа жените да работат под нивото на нивните вештини. Дополнително, личните избори, застарените очекувања за женските улоги и традиционалните дизајни на работни места ги туркаат жените на одредени занимања, дополнително зацврстувајќи ја сегрегацијата. Решавањето на ова прашање може да ја подобри економската вредност со искористување на целосниот фонд на таленти и обезбедување еднакви можности за сите – велат од Институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“.
Појаснуваат дека жените се во инфериорна положба на пазарот на труд, ширум светот. Тие се помалку активни, имаат тенденција да работат на ниско платени работни места, а наоѓањето работа им е потешко во споредба со мажите.
- Деталната родова анализа на под-занимањата со високи вештини покажува дека жените се позастапени во понископлатените занимања. На пример, просечната нето-плата на учителитее околу 39 илјади денари, за работници во административни дејности близу 33 илјади денари, здравствениот сектор добива 44 илјади денари, додека просечната плата за занимањата во кои доминираат мажи е околу 77 илјади (ИТ и комуникација) и 47 илјади денари (наука и технички сектор)– укажуваат од „Фајненс тинк“.
Нивната анализа покажала дека бројот на активни баратели на работа е најголем во Полошкиот и Скопскиот регион. Понудата на занимања со високи вештини е најголема, додека најмала за занимањата со ниски вештини.
- Една третина од побарувачката на работна сила е концентрирана во Скопскиот регион, додека во Полог, кој има најголема понуда со повеќе од 20.000 активни баратели на работа, има само 162 слободни работни места. Овој диспаритет во побарувачката на работна сила може делумно да се објасни со недостатокот на големи компании во Полошкиот регион, што ја ограничува достапноста на формални можности за вработување – објаснуваат од Институтот.
Додаваат дека ваквите бројки може да сигнализираат и ширење на неформалната економија. Посочуваат дека во регионите со ограничено формално вработување, работниците може да прибегнат кон неформална работа.
- Бизнисот мора да ги адресира клучните предизвици за еднаквост на работното место: фер пристап до пазарот на труд, пофлексибилен и поинклузивен пазар на труд и еднакви плати и можности за унапредување. Нефлексибилните работни места се главна бариера за многумина. Нудењето флексибилно работење не само што ги привлекува и задржува врвните таленти, туку и им овозможува на бизнисите да го приспособат работното време на нивните потреби, наместо да се придржуваат до традиционалните распореди– укажуваат од „Фајненс тинк“.
Потоа дополнуваат дека бизнисите мора да ја елиминираат дискриминацијата на работното место и да ги оспорат застарените ставови и практики што ги спречуваат поединците да влезат или да напредуваат на пазарот на труд.
- АВРСМ треба да ги подобри советите за кариера за девојчињата и жените кои можат да бидат обесправени поради професионалната сегрегација, и да ја зголеми нивната свест за опциите што им се отворени. Исто така, создавањето мерки што ќе гиводат работодавците да отворат слободни работни места за жени во занимања каде доминираат мажи, и обратно, може да ги намали постоечките професионални празнини – дополнуваат до Институтот.
Додаваат дека дизајнирањето образовни програми кои ги одразуваат потребите на пазарот на трудот и интензивирањето на учеството на бизнис секторот во процесот на дизајнирање на наставните програми, исто така, би можело да помогне во решавањето на професионалната сегрегација.
- Распространета промотивна кампања треба да ги охрабри и информира жените и мажите да направат паметни образовни и професионални избори што ќе им овозможат да извршуваат задачи поврзани со нивните вештини и потенцијали, наместо со нивниот пол – потенцираат аналитичарите.