Секој од нас сака да даде се од себе и да остави добар впечаток на интервјуто за работа. Постојат многубројни истражувања за тоа како треба да се однесувате додека седите на "жешкото столче", како да се поставите и како да одговарате на прашањата.
Запомнете дека првиот впечаток секогаш е најважен. Облеката е првото нешто што интервјуерот ќе го види кај вас. Комбинацијата што ќе ја носите ќе говори наместо вас и поради тоа важно е да запазите како ќе се облечете. Не сакате да изгледате премногу дотерано, но и не сакате да рефлектирате незаинтересираност со тоа што нема да внимавате што ќе облечете на себе.
Едно истражување спроведено во 2013 година покажало дека голема улога игра бојата на вашата облека и дека постои боја која никако не треба да ја носите на интервју. Станува збор за портокаловата. Докажано е дека оваа боја во деловниот свет асоцира на непрофесионалност.
Најдобро е да се придржувате до класичните бои како што се црната или сината. Со нив никогаш нема да погрешите бидејќи истите тие се поврзуваат со епитетите "водач" и "тимски играч".