
Во Македонија, традицијата и економските предизвици често ги држат младите под ист покрив со нивните родители и по склучувањето брак.
„Прво да направиме свадба, па ќе мислиме каде ќе живееме“ е реченица што често се слуша меѓу младите двојки, кои соочени со високи цени на станови, ниски плати и несигурност во работата, одложуваат целосна самостојност.
Финансискиот товар како главна пречка
Виктор и Тања, млад брачен пар од Скопје, веќе една година живеат во семејниот стан на родителите на Виктор. Иако имаат желба да се преселат во сопствен дом, високите трошоци се најголемата препрека.
„Свадбата нè чинеше околу 15.000 евра, но не можевме да ја избегнеме бидејќи традицијата бара да се направи весела прослава.
Сега собираме за капар за стан, но со сегашните цени и нашите плати, тешко дека наскоро ќе можеме да го оствариме тоа“, вели Тања, која работи како економист.
Виктор, кој е фотограф, додава дека дури и да решат да земат кредит, ќе треба да се откажат од многу други трошоци.
„Ратите за кредит се енормно високи. Повеќето мои колеги или живеат со родителите или заминуваат во странство за да заработат доволно за стан. Навистина е тешко да започнеш самостоен живот овде“.
Културните навики и очекувањата
Во Македонија, за разлика од западните земји, каде што младите се иселуваат од дома веднаш по полнолетството, овде често остануваат со родителите до триесеттите години.
Причините не се само финансиски, туку и културолошки.
„Кај нас е нормално децата да живеат со родителите сè додека не оформат свое семејство. А дури и кога ќе се венчаат, многу од нив остануваат во истата куќа или во истата зграда“, објаснува социологот Љубица Маџовска. „Ова има предности, но и недостатоци, бидејќи младите често немаат доволно приватност и независност“.
Еден од оние кои решиле да се осамостојат е Благој, 29-годишен маркетинг менаџер.
Тој вели дека преселувањето од домот на неговите родители било предизвик, но и ослободување.
„Родителите ми велеа дека нема потреба да давам пари за кирија кога можам да живеам дома бесплатно. Но јас сакав свое катче, независност и можност да си го организирам животот по мое. Сега живеам во изнајмен стан со цимер, иако финансиски е потешко, психолошки се чувствувам многу подобро“.
Решенија постојат, но се далечни
Додека цените на недвижностите растат, а платите не ги следат тие трендови, младите во Македонија ќе продолжат да ја бираат полесната опција – да останат кај родителите.
Некои држави во Европа, како Германија и Холандија, имаат системи со поволни субвенции за млади брачни парови, но во Македонија такви мерки сè уште не се доволно развиени.
Сè додека условите не се подобрат, многу млади ќе продолжат да велат: „Прво да направиме свадба, па ќе видиме што понатаму“.