
Ако во не така далечното минато, еден вид на осмомартовска традиција беше одењето на популарните чајанки, за да се одбележи празникот на жената, новите времиња донесоа и нови трендови за Осми март. Чајанките, кои најчесто се организираат во хотелски сали и ресторани, каде се служи ручек или вечера за гостинките, а бендови изведуваат претежно народни песни и се врти оро, очигледно заминуваат во историја, па годинава, но и изминатите неколку години, се почести се женските празнични собири во локали со високи маси, со клупска атмосфера.
Коњопој со шише алкохол и четири влезници за 6.000 денари, тоа е само една од бројните понуди кои се актуелни деновиве по повод празникот, а речиси во сите кафулиња и клубови каде се организираат осмомартовските забави, ангажирани се популарни бендови кои изведуваат претежно забавна музика. Некои од забавите се одржуваат во тек на ден, некои започнуваат во вечерните часови, но како што велат угостителите, интерес има и капацитетите биле веќе распродадени.
-Минатата година бевме во клуб за Осми март, поминавме одлично. Немаше оро, ама затоа пак игравме на популарни поп песни. Времињата се менуваат, сегашните жени на возраст од 40 или 50 години изгледаат доста помладо за својата возраст, активни се, спортуваат и посетуваат теретана, се хранат здраво, се негуваат. Веќе одамна се надминати многу предрасуди и сфаќања кои на некој начин ги ограничуваа жените, напред оди либерализацијата и еманципацијата на жената, и затоа секој ќе си прослави така, како што најмногу му одговара, вели наша соговорничка која е во своите рани 50-ти години.
Со поновата, коњопој осмомартовска шема се одбележува празникот во Скопје, но и во останатите градови во земјава. Според понудите на локалите, се помалкубројни се оние од видот: Салата, ордевер, пирошка и вечера, а се поголем е интересот за женски дружби во клуб атмосфера.
Многу жени пак, празникот решиле да го поминат надвор од земјава, а туристичките агенции уште пред неколку месеци ги понудија своите аранжмани за празникот. Неколкудневни екскурзии во туристички места во Грција, Србија, Бугарија, но и на подалечни дестинации, како и еднодневните шопинг тури се доста застапени и годинава.
Уште вечерва, голем број на туристички автобуси се упатија кон своите дестинации, каде расположени жени ќе го искористат празничниот викенд. Меѓународниот ден на жената се одбележува на Осми март од 1913 година. Ширум светот на овој ден се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите.