
Со новиот закон за работно ангажирање на лица за сезонска работа, покрај студенти во земјоделството и угостителството ќе може да работат и пензионери. Пензионерите ќе можат да орaат, да копаат, да садат, да берат пиперки, јаболки грозје … и да го надополнат недостигот од работна сила во земјоделството.
Земјоделците не веруваат дека пензионерите ќе можат да работат на нивите, бидејќи се работи за тешка физичка работа, а и сметаат дека нема потреба бидејќи засадените површини се значително намалени.
-Поради временската ограниченост на наемните работници тешко ќе дојде до реализација на оваа законска мерка. Во земјоделството не требаат пензионери, бидејќи се работи за тешка физичка работа која понекогаш се работи и на + 40 степени. Од друга страна, во земјоделството последниве години засадените површините се значително намалени, па нема ни голема потреба од сезонци. Ќе беше добро ако ова законско решение се донесеше пред 20 години кога имаше што да се бере, вели за „Локално“, Ристо Велков претседател на Сојузот на земјоделци од Струмица.