
Пајак-службата на ЈП „Паркинзи на Општина Центар" – Скопје ќе има ново депо кое ќе започне со работа од 17 март на нова локација до улица и мост Беласица, под Железничката станица.
„Со новото депо значително го унапредуваме функционирањето на паркинг услугите и создадовме услови за поголема безбедност и ред во урбаната средина. Ова е уште еден чекор кон подобрување на инфраструктурата и услугите за нашите сограѓани”, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Депото се простира на 2250 м² и располага со нови куќарки за вработените и опслужување на корисниците. Изведена е водоводна и електрична мрежа, а поставена е и ограда за зголемена безбедност, видео надзор и нови контролни рампи со безжично управување.
Директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски, посочи дека од 17 март (понеделник), сите возила подигнати од пајак-службата ќе се преземаат од новата локација.
,,Со ова депо ќе се подобри капацитетот и нашата оперативна ефикасност, што ќе овозможи побрзо реагирање и поголема флексибилност во секојдневното работење, истакна Коцевски.
Општина Центар останува посветена на подобрување на јавните услуги и создавање услови за квалитетен живот на сите граѓани.
Извор: faktor.mk