
Во ерата на вештачката интелигенција, да се биде информиран, да се паметат факти или да се знае каде да се пронајдат, не е ни приближно толку вредно како да се научи како да се поставуваат одлични прашања, смета Сем Алтман, извршен директор на OpenAI.
„Овие способности сè уште ќе бидат многу ценети, но тие нема да се засноваат на истото ниво на сурова интелектуална сила како порано. Одлучувањето кои прашања треба да ги поставиме ќе биде поважно од наоѓањето на одговорите“, истакна Алтман во подкастот „ReThinking“ на Адам Грант, организацискиот психолог од Вартон, во епизода објавена минатата недела, пренесува CNBC.
Вештината на поставување интелектуално поттикнувачки прашања, особено кога се обидуваме да разбереме или да додадеме поширок контекст на некоја тема или идеја, веќе е важна способност, забележа Грант, па додаде: „Некогаш исклучително ја ценевме количината на знаење што си ја собрал во мозокот, и ако беше собирач на факти, тоа те правеше паметен и почитуван. Сега мислам дека многу повредно е да бидеш оној што ги поврзува точките. Ако можеш да синтетизираш и да препознаваш обрасци, си во предност.“
Побарувачка за „prompt“ инженери
Забелешката на Алтман може да се толкува на неколку начини: Во иднина, сè повеќе ќе се цени вештината на поставување промислени прашања на другите луѓе, но и способноста за создавање прецизни упати за AI чет-ботови за да добиеме што поточни одговори – процес познат како „prompt engineering“ (дизајнирање на упати).
Поставувањето јасни и концизни прашања на соговорникот е одраз на нечива емоционална интелигенција и вештина што може да ја зајакне нашата кредибилност, истакна уште минатата година комуникацискиот експерт Мет Абрахамс.
„Prompt“ инженерите, односно експертите за дизајнирање на упати, во моментов се „лудо барани“ на пазарот, вели Лидија Логан, извршна директорка задолжена за глобално образование и развој на работната сила во IBM. Тие што ја работат оваа професија можат да заработат и до 100.000 долари годишно.
Алтман не е единствениот претприемач што ја нагласува вредноста на меките вештини во кариерата. Љубопитноста, прилагодливоста и менталната агилност се трите клучни вештини што младите треба да ги имаат за да добијат работа – како денес, така и на идниот пазар на трудот, изјави минатата година милијардерот и инвеститор Марк Кјубан.
„Можам да се преправам дека можам да го предвидам правецот во кој се движи вештачката интелигенција, односно нејзиното точно влијание врз пазарот на трудот, но тоа би била лага. Немам поим. Она што сигурно знам е дека внимателно ќе ја следам, ќе останам агилен, љубопитен и подготвен да се прилагодам на промените“, изјави Кјубан.
Прилагодливоста – најбарана вештина
Прилагодливоста стана една од најважните вештини што работодавците денес ги бараат, истакна минатата година Соња Бесалел, експертка за интегриран маркетинг и управување со содржина на социјалната мрежа LinkedIn. На модерниот пазар на труд расте побарувачката за работници што брзо реагираат на промени и успешно се справуваат со предизвиците на работното место.
Алтман предвидува дека вештачката интелигенција со тек на време може да преземе поголем дел од административните задачи на работните места, но човечкиот интелект сепак нема да може целосно да го замени.
Напротив, луѓето ќе ѝ помогнат на технологијата да развие критичко размислување, аргументација и способност за создавање нови идеи.
„Најголемото професионално задоволство го доживеав кога морав креативно да пристапам кон проблем и да најдам решение што никој претходно не успеал да го замисли. Сигурен сум дека ќе бидеме сведоци на создавање сосема нови пристапи во решавањето на сложени предизвици“, заклучи Алтман.
Извор: poslovni.hr