Вработувањето на погрешен кандидат може да резултира со голем број негативни импликации по вашиот бизнис па затоа е важно на самиот процес на вработување да му пристапите многу сериозно.
Најчесто, компаниите имаат ургентна потреба да пополнат одредена позиција па затоа одлучуваат да прескокнат неколку клучни чекори со цел да вработат некого што е можно поскоро. Меѓутоа, така се прави грешка!
Во продолжение, ви посочуваме на 5-те најчести грешки кои треба да ги избегнете при вработувањето на нов кандидат.
Забрзување на процедурата
Многу често ви фали човек па затоа чувствувате притисок да ја забрзате целата процедура меѓутоа тоа не треба да значи дека ќе го вработите првиот кандидат кој ќе остави позитивен впечаток на интервјуто. Бидете трпеливи бидејќи потребно е време за да најдете идеален кандидат за отворената позиција. Барајте кандидат кој ќе остане во вашата компанија, а не некој што ќе ја напушти за неколку месеци.
Не вработувате кандидати кои лесно ќе се адаптираат на корпоративната култура
Секако дека е потребно кандидатот да го поседува бараното искуство и вештините, сепак тие несекогаш се клучни фактори за веднаш да му понудите работа. Размислете како и дали тој кандидат добро ќе се прилагоди на културата во вашата организација. Како вработениот ќе комуницира со своите колеги, клиенти и потрошувачи е од круцијално значење за вашиот бизнис.
Не проверувате референци
За да добиете порелевантен впечаток за кандидатот потребно е да ги проверите неговите референци и да дознаете што неговите претходни менаџери и соработници мислат за него. Проверката ќе го направи вашиот избор уште поверодостоен.
“Преширок“ опис на работно место
Ако во вашиот оглас ставите генерален наместо конкретен опис на работно место тогаш на истиот ќе ви се пријават голем број на кандидати за кои подоцна ќе сфатите дека не одговараат на она што вие го барате. Затоа, важно е да бидете што е можно поконкретни и да ги наведете квалитетите кои ги барате, работните задачи и одговорностите на вработениот, како и степенот на перформанс кој го очекувате од него.
Вработувате некого за погрешна цел
Без разлика дали вработувате некого со цел да му помогнете или пак му нудите ангажман на некој за кого се уште не е создадена работна позиција – правите огромна грешка. Непотребното вработување ве изложува на непотребни трошоци, а вработувањето за да направите услуга може да доведе до бројни проблеми како што се тешкотии при адаптирање на корпоративната култура и поседување на погрешни вештини.