Успехот не е лесен за остварување и сигурно не се случува преку ноќ, но постојат мали работи што можете да ги направите за да ги зголемите своите шанси.
На успехот треба да се работи долго и секојдневно. Најистакнатите светски лидери, од Елон Маск и Опра Винфри до извршните директори на Google и Facebook, го гледаат успехот како тековен процес на кој постојано се работи.
Од витално значење е да бидете трпеливи и посветени. Дастин МекКисен, основач на компанијата за маркетинг и комуникации McKissen+ и инфлуенсер за управувањето и корпоративната култура, за CNBC открива шест работи што треба секојдневно да го правите ако сакате да бидете успешни во животот.
1. Читајте книги кои не се директно поврзани со вашата кариера
Читањето е еден од најлесните начини за да се доживее животот од друга перспектива и да се развие емпатијата која е потребна за ефективно лидерство. Но, важно е да се прошират знаењата и надвор од вашата професија.
Постои причина зошто Елон Маск ги смета делата на научната фантастика и биографиите на успешните како најважни работи во неговата листа за читање.
Ме одгледаа книгите. Прво книгите, а потоа и моите родители, кажа Маск во интервју за магазинот Rolling Stone.
2. “Испотете се“
Не зборуваме за одење во сауна или фитнес центар. Развивањето на храброста да направите нешто што е надвор од вашата конфорна зона е јасен знак дека се искачувате на ново ниво. Ако се плашите од јавни настапи, бидете првиот што ќе зборува на следниот тимски состанок. Може да се случи да бидете толку нервозни што ќе завршите со неколку дамки пот на вашата кошула, но сепак направете го тоа. Со текот на времето ќе стане полесно.
Марк Цукерберг потрошил неколку години за да го научи мандаринскиот јазик. И погодете што? Тој успеал во својата намера. Стравот и растот не можат да постојат во ист простор. Еден од нив мора да замине за другиот да процвета.
3. Вежбајте
Во својата петгодишна студија за богатите луѓе, авторот Том Корли открил дека вежбањето е главната особина на секој од нив.
Оние кои создале навика за вежбање имаат огромни конкурентски предности над оние кои не го направиле тоа, напиша тој на неговиот блог.
Овие придобивки вклучуваат поголем коефициент на интелигенција, посилна волја, самодоверба и до 20 проценти повеќе енергија.
На голем број милијардери, кои сами го создадоа своето богатство, вклучувајќи ги и Опра Винфри, Шерил Санберг и Ридард Бренсон, вежбањето им е дел од секојдневната рутина. Истражувањето покажа дека малите количини на секојдневно вежбање може значително да го продолжат животот.
4. Помогнете им на другите
Успешните луѓе ја разбираат важноста на дарежливоста, особено на оние на кои им е потребна помош.
Во 2010 година, Бил и Мелинда Гејтс и Ворен Бафет ја започнаа кампањата “The Giving Pledge” – обврска на богатите поединци и семејства да одделат половина од своето богатство за општествени цели, како што е намалувањето на сиромаштијата и глобалното здравје.
Но, тоа не мора да биде огромна сума на пари. Тоа може да биде и помагање на преоптоварен колега или давање помош на постара личност која купува храна од продавница. Ако сте премногу зафатени за да помогнете или да возвратите некоја услуга, тогаш сте и премногу зафатени за да успеете.
5. Одвојте време за да се сетите на вашите конкуренти
Мајкл Џордан еднаш рече: “Играм за победа, без разлика дали станува збор за тренинг или вистинска игра. Нема да дозволам ништо да ми се испречи на мојот пат и натпреварувачки ентузијазам за победа“. Со оваа филозофија, легендарниот кошаркар успеа да освои шест шампионати и да создаде еден од највредните спортски брендови во историјата.
Неуспехот и задржувањето на лутината може да ве преоптовари, но почитувањето на вашите конкуренти и “хејтери“ може да биде моќен облик на мотивација. Тоа ќе ве натера да направите се што е во ваша моќ за да успеете и да докажете дека тие не се во право.
6. Излезете надвор и размислувајте
Секој знае дека трошиме премногу време на нашите мобилни телефони. Но, молчиме за тоа што многумина од нас не успеваат да го направат: излегување надвор, пешачење и размислување. Една студија на Американската асоцијација на психолози покажа дека одењето може да ја зголеми креативноста и да ги подобри вештините за решавање на проблеми.
Марк Цукерберг, Ричард Бренсон и извршните директори на Google и LinkedIn сакаат да ги одржуваат своите состаноци во движење бидејќи тоа им помага да размислуваат за нови концепти.
Ви посакуваме успех во промените!