Се поголем број на мали британски компании се префрлаат на четиридневна работна недела поради се поголемата убеденост дека скратената работна недела би можела да ја подобри продуктивноста на вработените и да обезбеди рамнотежа помеѓу приватниот и деловниот живот.
Затоа, се повеќе и повеќе работодавци почнуваат да експериментираат со тоа што им нудат на своите вработени три дена неделно време за одмор, за иста плата.
За да се утврди влијанието од четиридневната работна недела врз британската економија, министерот за финансии во сенка и член на Лабуристичката партија, Џон МекДонел, порача да се направи истражување, додека пак Шкотската национална партија следниот месец треба да заседава за идејата да се воведе четиридневната работна недела и во Шкотска.
Во последните шест месеци, тоа веќе го направи Synergy Vision – компанија специјализирана за комуникација во медицинскиот сектор, Elektra Lighting која се занимава со дизајн на уреди за осветлување, произведувачот на долна облека Lara Intimates и Interpid Camera чијашто основна дејност е производство и извоз на опрема за фотографирање.
Само два дена не се доволни за вработените да се опорават од стресната работна недела. Но, три дена се нешто сосема друго бидејќи освен за одмор, имате време да направите и многу други работи, вели Нил Ноулс, консултант во Elektra Lighting, која воведе скратена работна недела во јануари.
Инаку, идејата за скратена работна недела во последниов период дојде до израз поради голем број економски, социјални и технолошки причини. Работното преоптоварување резултира со илјадници луѓе кои страдаат од депресија, а прекувремената работа, исто така, го отежнува балансот помеѓу кариерата и семејните обврски. Дополнително, развојот на технологијата го трансформира концептот на работа и работниот ден што го знаеме денес.