Да, се‘ уште е потребно да напишете мотивациско писмо кога аплицирате на оглас, но немојте да го губите своето време или времето на вашиот иден работодавач со нешто генеричко.
Мотивациското писмо не е задолжително за секој оглас за вработување, но тоа не значи дека треба да го изоставите. Вашето мотивациско писмо е можност да ја збогатите вашата кратка биографија со дополнителни информации кои ќе ви помогнат да се истакнете помеѓу останатите кандидати.
Мотивациското писмо е важно затоа што им овозможува на кандидатите да се поврзат и да му се обратат директно на менаџерот одговорен за вработување. Кога пишувате мотивациско писмо, целта е да се поврзете, односно да пронајдете заедничка врска со вашиот иден работодавач. Разликата помеѓу CV и мотивациско писмо е во тоа што кратката биографија ги изразува вашите вештини и искуства, додека пак, мотивациското писмо повеќе зборува за вашиот карактер.
Напишете одлично мотивациско писмо со вклучување на овие пет елементи:
1. Треба да изгледа како писмо
Мотивациското писмо е формален деловен документ и треба да изгледа како таков. Во горниот лев агол се става името и адресата на примателот и се користи формален поздрав. Бидејќи мотивациското писмо и кратката биографија треба да бидат конзистентни, организирани и усогласени, препорачуваме да го користите истиот формат и фонт за двете работи. Притоа, водете сметка да изберете фонт што може лесно да се прочита бидејќи несоодветните фонтови се тешки за читање и изгледаат непрофесионално.
2. Користете го името на менаџерот одговорен за вработување
Наместо да се користи изразот “на читателот на ова писмо“ направете директна врска со користење на името на менаџерот одговорен за вработување. Ова може да биде голем предизвик во овие денови, бидејќи добар дел од огласите за вработување се објавуваат без да го содржат името на лицето кое вработува. Меѓутоа, најпознатата социјална мрежа за професионалци LinkedIn ви овозможува многу лесно да го дознаете името на HR Менаџерот на компанија преку пребарување на името на компанијата. Доколку успеете да го најдете името на HR Менаџерот, обратете му се со “Почитуван г. [Презиме]“, но доколку не успеете да го направите тоа, започнете го мотивациското писмо со “Почитуван Менаџер за човечки ресурси во [Име на компанијата].
3. Поврзете се со компанијата
Пронајдете и направете врска со нешто што компанијата го прави. Ако сте биле препорачани од некој во вашата мрежа, споменете го тоа веднаш. Во спротивно, направете мало истражување за компанијата и најдете нешто со кое може да се поврзете. Тоа може да го направите со пребарување на Google, отворање на страницата за кариера на компанијата или со читање на текстови објавени во медиумите кои даваат увид во видот на работата што ја прави компанијата.
4. Објаснете зошто сте вистинскиот кандидат
Целта на секое мотивациско писмо е да го натерате читателот да ја прочита првата реченица и да продолжи со читање. Затоа, е потребно брзо и кратко да зборувате за позицијата и за тоа зошто баш вие сте вистинскиот кандидат. Најголемиот дел од мотивациското писмо, кое во целост не треба да биде подолго од половина страна, треба да биде во врска со вашите компетенции и достигнувања кои ќе ви помогнат добор да се продадете за отворената позиција. Затоа, ставете акцент на вашите најголеми достигнувања кои се соодветни за позицијата. Вашето мотивациско писмо треба да биде приспособено на работата, а не повторување и копирање на работите од вашето CV.
5. Не заборавајте на силен завршен дел
Во завршниот дел, наведете некоја фраза како на пример: “Се надевам дека ќе имам можност да направам позитивен импакт врз тимот и работата на компанијата“. Прилагодете го овој дел за да има смисла со позицијата за која аплицирате. Оваа позитивна изјава треба да објасни што ќе направите доколку ви се даде шанса.
Можеби ќе сакате да прочитате:
Регрутерите препорачуваат: 9 најдобри фонтови за твоето CV