Додека платите во изминатите пет години во Хрватска номинално растеле со стапка од околу 4 проценти, во Унгарија, Полска, Романија и Бугарија напредувале со стапка од 8 до 15 проценти годишно, барем според податоците на нивните национални статистички служби и според извештаите на агенцијата.
Најдрастичен пример е Романија каде што завладеело еден вид на вонредна состојба бидејки владата сакала да го спречи распаѓањето на здравствениот систем и јавните услуги и да го запре одливот на професионалци во развиените земји. Затоа бруто платите во таа земја веќе две години растат со стапка од повеќе од 15%, пред се во јавниот сектор.
Просечната нето плата во Романија на почетокот на оваа година се зголемила на околу 620 евра, што е околу 50 проценти повеќе од пред две години. Само минатата година платите на медицинскиот персонал, наставниците и професорите скокнале за околу 30 проценти, според Roman Insider. Бидејќи се чувствувал недостаток на градежни работници, нивните плати на почетокот на оваа година се зголемиле за 40 проценти благодарение на значителното зголемување на минималната плата.
Исто така, платите во романското здравство од март се зголемиле за дополнителни 70 отсто. Медицинска сестра има плата не помала од 556 евра, а додека тие со високо образование најмалку 645 евра, без пресметка на додатни бонуси. Лекарите по општа медицина добиваат најмалку 1.960 евра. Поради прекувремените часови и работа во брза помош, лекарите може месечно да заработат двојно повеќе, тврди Романија Insider. Најдобро платените здравствени работници добиваат повеќе од 4.000 евра месечно.
Ова огромно зголемување на платите на лекарите во Романија прво било планирано до 2022 година. Но, владата во Букурешт одлучила да ги забрза работите, бидејќи во таа земја, очигледно многу им ”загорело”.
Сличен развој на случувањата ги зафати и останатите средноевропски земји, иако ситуацијата кај нив не е како во Романија. Бруто платата во Унгарија во последните две години пораснала со стапка од 12 проценти, а на почетокот на оваа година напредувала со темпо од 10 проценти, според државната статистика. Треба да се додаде дека секоја жена помлада од 40 години, со најмалку три години работен стаж добила право на државен кредит од 32.000 евра чување на деца, кои не треба да ги врати ако нејзиното семејство има нова принова. Во Чешка бруто платата веќе две години расте со стапка од околу 8 проценти, а во Полска со 7 проценти.