Разговорите за работа не секогаш се одвиваат како што вие ќе посакате. Понекогаш, и покрај тоа што се подготвени и добро наспани, интервјуто може да не заврши така добро.
Но, еве добра вест: веројатно, интервјуто не е толку лошо колку што вие мислите. Дури и интервјуерите признаваат дека понекогаш на секој може да му се случи да има трема или да му побегне текот на мислата, пишува CNN Business.
Најголемата критика не доаѓа од никој друг, туку од себеси. Многу е веројатно тивкиот глас кој доаѓа од вашата глава да биде покритичен од тој што доаѓа од личноста на другиот дел од масата, вели Кери Ханон, автор на книгата “Сакајте ја вашата работа: нови правила за кариерна среќа“.
Таа ве советува да издвоите една минута и да ја разгледате ситуацијата. Ако сметате дека навистина сте го утнале интервјуто за работа за која навистина сте заинтересирани, се’ уште постојат начини за да се поправи ситуацијата.
Се губите на жешкото столче
Ако се наоѓате спроти менаџерот за вработување и се најдете себеси како лутате, притиснете на сопирачките.
Важно е да се запомни дека не треба да паничите. Земете длабок здив (еднаш или трипати) и обидете се да го пренасочите разговорот назад кон интервјуерот.
Потребно е да го запрете текот на мислите и да направите пауза. Свртете го разговорот и дозволете му на интервјуерот да зборува.
На пример, поставете некое општо прашање, како: “Кој ќе биде најголемиот предизвик за кандидатот што ќе ја добие работата?“ или “Како вие би ја опишале деловната култура во компанијата?“.
Ако чувствувате дека потполно сте залутале, или дека разговорот отишол предалеку или се врти во круг, на вистинскиот пат може да се вратите со помош на однапред подготвена изјава за тоа каков работник сте вие, кои се вашите вештини и каков ќе биде вашиот придонес за успехот на компанијата.
Испратете благодарница
Да, се’ уште е потребно да испратите порака со благодарам, дури и ако мислите дека целосно сте го промашиле интервјуто за работа.
Со овој потег, не само што ќе покажете дека сте љубезни, туку добивате можност одново да ги истакнете вашите вештини и искуства или пак одново да одговорите на некое прашање чиј одговор не сте успеале да го дадете на самото интервју.
Само немојте да се извинувате или да признавате дека сте биле збунети. Наместо тоа, експертите советуваат да бидете позитивни.
Слободно направете забелешка за сите прашања на кои мислите дека не сте одговориле соодветно или за деталите за вашите вештини или искуства за кои сметате дека не биле доволно јасни.
Подгответе ги вашите референци
Ако сметате дека недоволно сте ги нагласиле своите искуства и вештини за време на интервјуто, дозволете да го направат тоа луѓето од кои имате добиено препорака.
Затоа, кажете им навреме за интервјуто за работа на кое сте присуствувале и предупредете ги дека (можеби) ќе добијат повик.
Дополнете го вашиот разговор
Ако не успеете да ја истакнете вашата најсилна страна за време на интервјуто, дополнете ја со дополнителен материјал кој ги нагласува вашите вештини и искуства.
Џеорџин Хуанг, извршна директорка и коосновач на Fairygodboss, се сеќава на еден кандидат кој и испратил презентацја во која е детално опишано што може да постигне на работата доколку ја добие во првите 30, 60 и 90 дена.
Според неа, тој кандидат навистина се потрудил надвор од очекувањата покажувајќи дека навистина сака да ја добие работата.
Учете од сопствените грешки
Секое интервју за работа нема да биде совршено па затоа е важно да се учи од своите грешки. Седнете и видете кои делови се добри, а кои области треба да се подобрат.
За многу луѓе, побавниот пристап во одговарањето на прашањата на интервјуто може да ги спречи потенцијалните проблеми во разговорот за работа.
Запомнете дека тоа не е трка. Не трчајте, бидете сигурни и смирени и претставете се себеси во вистинското светло.
Можеби ќе сакате да прочитате: