Обединетите Арапски Емирати увезуваат 80% од храната што ја конзумираат. Поради пустинската клима зеленчукот и овошјето тешко успеваат, но еден старт-ап од Абу Даби сака тоа да го промени.
Pure Harvest Smart Farms стартуваше со работа во 2016, а нејзината дејност е креирање на паметни стакленици, со помош на технологија којашто овозможува развој на земјоделски култури во лоши климатски услови. Засега во овие стакленици се произведуваат само домати, но тимот не планира да застане таму.
Според ко-основачот и извршен директор Скај Курц напредниот систем ги анализира податоците со цел да ја прилагоди сончевата светлина, температурата и влажноста, пишува CNN Освен тоа се мерат и вредностите на јаглерод диоксид, вода и проток на воздух.
Се следи растот на доматите и се праќа повратна информација до системот којшто ја приспособува климата според потребите на растенијата.
Тимот во иднина планира да вклучи доволно сензори за следење, со што во целост би се елиминирала потреба од човечка интервенција при процесот.