Интервјуата за работа често знаат да бидат непријатни. Се разбира, за време на интервјуто сакаме да ги имаме најдобрите одговори, но со притисокот кој го чувствувате, одговарањето на тешките или трик прашањата може и да не ви оди од рака. За среќа, одговарањето на некои од проблематичните прашања може да се вежба, така што пред да отидете на интервјуто можете да се подготвите и да ја имате потребната самодоверба која ќе се појави во пресудниот момент низ разговорот.
НЕШТО ПОВЕЌЕ ЗА СЕБЕ...
Ова е делот каде треба да успеете да ги спомнете сите квалитети со кои потенцијално ќе придонесете за работата и развојот на компанијата, без да користите предолги објаснувања. Освен вашиот одговорот на она прашање, важно е и дали ќе одговорите со ентузијазам или не. Можете да почнете со некоја реченица позајмена од некој на кому му се восхитувате, а која ги доловува вашите ставови и мислење.
Спакувајте го одговорот во едно минутна презентација на вашите професионални достигнувања. Дали и претходно сте работеле слична работа како оваа на која аплицирате? Споделете ги успесите и достигнувањата во претходната компанија. Доколку не сте работеле слична работа претходно објаснете зошто сте заинтересирани за оваа позиција.
ДАЈТЕ МИ ПРИМЕР ЗА МОМЕНТ ВО КОЈ СТЕ ПОТФРЛИЛЕ ИЛИ СТЕ НАПРАВИЛЕ НЕШТО ОД ШТО СЕ СРАМИТЕ...
Ова е дефинитивно едно од најужасните прашања кои можат да ви бидат поставени. Клучно за одговорот за ова прашање е неуспехот да го претворите во успех. Дадете си момент да се потсетите, така што ќе изгледа како да не сте очекувале прашањето. Кажете дека вие сте само човек, и дека како и на сите луѓе може да ви се случи да направите грешка, но сепак нема ништо за што жалите. Нема потреба да се исповедате.
Кажете дека во оние моменти кога сте направиле грешка во врска со колегите, сте ја признале својата грешка и сте му се извиниле на колегата. Додадете дека преферирате искрен и отворен работен однос, во кој со добра комуникација можат да се решат сите проблеми.
КОЈА Е ВАШАТА НАЈГОЛЕМА СЛАБОСТ, ВИСТИНСКА СЛАБОСТ, А НЕ СКРИЕНА СИЛНА СТРАНА...
Ако постои трик прашање, тогаш тоа е ова. Тука немате шанси да кажете нешто како „Јас сум воркохолик“, или нешто како „понекогаш ја носат работата со мене дома“ бидејќи токму ова се тие скриени силни страни. Наместо да се обидувате да ја манипулирате ситуацијата на вакон начин, покажете дека ги препознавате вашите слабости. На пример, „Имам тенденција да барам премногу од другите, но учам да се контролирам и да ги ценат уникатните квалетети на другите.“
Доколку има некоја „дупка“ во резимето, ова е вистинско време да се осврнете на неа. На пример кажете дека и покрај тоа што немате искуство во конкретната област, има искуство блиско до бараното и дадете пример. Кажете дека, на пример во однос на вашата слабост за говорење во јавност имате волонтирано во проекти во кои се барале лидерски способности.
ДАЛИ НЕКОГАШ СТЕ ДОБИЛЕ ОТКАЗ И ЗОШТО?
Воздржете се од тоа да кажете лоши зборови за поранешните компании за кои сте работеле, како и за претпоставените. Ќе звучите огорчено, неодговорно и како да сакате да ја префрлите вината. Отворено признајте дека на пример, сте биле неискусни во однос на тимска работа и дека поради тоа сте имале недоразбирање со шефот. На овој начин ја признавате својата грешка, и покажувате дека сте научиле нешто од тоа искуство.
Или пак, кажете дека едноставно не сте биле соодветни за профилот на вработени во компанијата, и дека пред да имате шанса да поднесете оставка, сте добиле отказ. Можете да кажете и дека не сте можеле во целост да ги разберете и оправдате очекувањата на вашиот поранешен шеф, и дека заеднички сте одлучиле дека е време да си заминете од таа позиција. Или, дека се сменило раководството и дека сакале да оформат тим од лица кои им се веќе познати, меѓу кои не сте биле и вие.
ДАЛИ БИ ПРИФАТИЛЕ ПОНИСКА ПОЗИЦИЈА СО ЦЕЛ ДА СЕ ИСКАЧИТЕ КОН ПОСАКУВАНАТА?
Ова прашање најчесто се поставува кога аплицирате за нешто за кое немате конкретно работно искуство, и би имале потреба допрва да учите за да можете непречено да ги исвршувате работните обврски. Доколку навистина ја сакате работата и би прифатиле ваков предизвик, тогаш кажете дека би го гледале тоа како шанса за да ги приширите своите знаења во полето на кое работите. Вашете досегашно искуство доволно ве подготвило за да можете да почнете да градите кариера повторно, во сродно поле.
ОБЈАСНЕТЕ ГИ „ДУПКИТЕ“ ВО ВАШЕТО РЕЗИМЕ
Чудно е што ова прашање воопшто се поставува, особено ако се знае во каква состојба се наоѓа пазарот на труд, но сепак се случува да биде прашани што сте правеле во периодот кога сте биле невработени. Освен состојбата на пазарот на труд, можеби сте биле болни, или пак сте имале бебе и сте биле спречени да работите.
Бидете искрени, и повторно обидете се да ја претворите оваа слабост во силна страна. Можете да кажете дека во времето додека сте барале работа, паралелно сте работеле на подобрување на своите комуникациски вештини. Нагласете дека да се биде невработен е далеку од идеално, како и дека никогаш не сте изгубиле допир со полето на кое работите.
КОГА НЕКОЈ ОД ВАШИТЕ КОЛЕГИ НЕ СИ ЈА ЗАВРШУВА РАБОТАТА, КАКО РЕАГИРАТЕ?
Начинот на кој се справувате со „тешките“ колеги симболично покажува како се справувате со „тешки“ луѓе воопшто, и потенцијални „тешки“ клиенти. Можете да кажете дека ваков проблем се јавил кога еден од колегите се соочувал со тешка животна ситуација, и дека во тие моменти ви било драго да помогнете. Дадете до знаење дека претходно сте зборувале со колегата, со цел да дознаете во што е проблемот и да ја разјасните ситуацијата. Ова покажува дека сте спремни да се соочите со проблемите, наместо да молчите. Ваквиот пример кажува за вас дека сте подготвени за секаква комуникација и дека знаете да се носите со тешките ситуации.