Почнувајки од само 3 вработени, денес сме горди на тимот од над 40 вработени. Многу е важно да верувате во сопствената визија и истата да ја градите со чисто срце и искрена енергија. Тогаш некако и универзумот ви помага.
Креирана од лична приказна, а создадена со цел транспарентност, поголем избор и поголема достапност на работните места за сите работобаратели Вработување.ком е основана 2003 година на 6 јуни во тоа време прво како онлајн портал, а потоа и како приватна агенција за посредување при вработување за денес да стане најпосетуван портал за вработување со преку 500 огласи секој ден и компанија која нуди комплетни решенија за сите недоумици во однос на управувањето со човечки ресурси. Уште на самиот почеток, а и денес, креирана така да нуди целосно бесплатна услуга за сите кои бараат работа: Бесплатна регистрација, бесплатно креирање на CV и, најважно, многу можности за вработување.
“За жал јас сум дете на транзицијата па бев сведок на неубавите случувања кога распадот на Југославија донесе многу несреќа во семејствата“, ја започнува својата приказна Дарко Велков – сопственик на Вработување.ком.
- Компаниите кои беа гиганти се распаднаа па така јас тогаш како тинејџер само немо гледав како моите се бореа со беспарицата... Сакав да помагам па почнав самиот со работа во кафулиња ама ми беше жал што на сопствениот родител не можев да му помогнам... Едноставно не беше толку психички силен да го издржи притисокот, а и не беше во можност да се снајде во целиот нов систем... Затоа, си ветив дека мојата мисија ке биде да им понудам можности и избор на луѓето кои бараат работа. Така се роди идејата за Вработување.ком.
Многубројните семинари, обуки и тренизи само ја прошириле визијата на Велков дека вработувањето, и воопшто работењето, е еден процес кој е многу повеќе од 8 часа работно време и плата на први.
- За да се пополни едно работно место не значи само стави оглас и прими човек... Тука има многу фактори, на пример каде ке го објавиш тој оглас, кој се и колку луѓе ке го видат, дали тие луѓе ќе сакаат да се пријават, па како да ги привлечеш квалитените луѓе, па дали знаат да напишат работна биографија, па ако се пријават поголем број кој и како ќе ја направи селекцијата, па кој тие луѓе ке ги интервјура... и така натаму... Затоа, одлучивме дека покрај самиот видлив онлајн портал ние ќе создадеме цела оператива за поддршка на компаниите... Така всушност почнавме да ги градиме темелите на областа Човечки Ресурси кај нас.
Со оглед на тоа што ја започнавте интернет страницата во време кога луѓето се’ уште немаа паметни телефони и компјутери, што е тоа што ве мотивираше да издржите?
- Точно така. На пример во 2005 или 2006 имавме некои 30 посетители на ден и тоа беше за нас достигнување за разлика од денс кога зборуваме за над 100.000 посетители дневно. Тука, можам да направам некава спореда со Кока Кола кои во првата година продавале само 9 пијалоци на ден, а денес нивната дневна продажба се мери во милијарди продадени парчиња. Замислете тие да се откажеле на самиот почеток?
“Многу е важно да верувате во сопствената визија и истата да ја градите со чисто срце и искрена енергија. Тогаш некако и универзумот ви помага. Исто така, од голема важност е многу да учите, да не се плашите од промените бидејќи само промената е постојана. И секако, да знаете дека кога е најтешко тоа е само тест и морате да се научите да паднете затоа што колку пати паѓате толку се кревате ама посилни и со нови идеи“, вели Велков.
- Од едно такво “паѓање“ поточно неможност да најдеме соодветен кадар ни се роди идејата за преквалификација т.е да оние занимања кои веќе исчезнуваат или се непотребни да ги обучиме за други или на веќе постоечките да им дадеме нови вештини...
Како се менуваше пазарот на труд во овие 16 години и дали може да направите споредба на пример како беше во 2003, 2007 и денес во 2019 година?
- Во 2003 не можевме да зборуваме за пазар на труд затоа што го немаше, постоеја само поединци кои беа запознаени со темата Човечки Ресурси. Почнавме од основата т.е учење и значење на зборот CV (curriculum vitae) или работна биогарафија. Тогаш почнаа првите селекции и интервјуа за работа, па постепено градење на секторите за човечки ресурси во компаниите. А сметам дека најголем напредок во овој сектор се направи со создавањето на асоцијацијата за човечки ресури во Македонија во 2011 година кога отворено, гласно и јасно започна да се зборува за оваа тема и сите стручњаци се обединија околу истата. А реално продуктите кои веќе со децении на Запад се традиција кај нас сега почнуваат да се применуваат. Па сега, некои термини ни се одомаќинуваат како тимбилдинг на пример бреинсторминг и така натаму...
Како се менуваше Вработување.ком низ годините?
- Визулено поприлично, во однос на редизајн и функционалност на веб страницата, а конструктивно многу, – вели Велков и додава дека “почнувајки од само 3 вработени, денес сме горди што имаме над 40 вработени, но и посебно горди на поранешните вработени кои оставиле свој белег во компанијата а ние сме им биле отскочна даска. Денес, тие се на пример директори или одговорни во Оделот за човечки ресурси и драго ни е дека она што го научиле во Вработување.ком денес го применуваат во своите компании и за своите вработени.
Ако на почетокот нудевме само огласи, потоа нудевме регрутација и селекција на кадри, па интервјуа за работа, па обуки за нововработените, сме биле на предавања во средни школи за да им помогнеме околу изборот на факултет, на факултети за избор на компании... за да изминатиме години нудиме комплетни решенија за сите проблеми и дилеми во секторот Човечки ресурси, од тестови за лојалност на вработени па мистери шопинг, па тимбилдинзи, кариерни насочувања, систематизација на работни места и многу повеќе...
Што е она што го сметате за најголем личен успех, а потоа и на компанијата?
Велков: Предизвикот наречен стабилност на компанијата и посебно сум горд на развојот на истата.
Што е со конкуренцијата? Дали ја имате и како се справуавате со нелојалната конкуренција?
Велков вели дека е добро е да имате конкуренција затоа што така учите од грешките кои на пример ако сте сам на пазарот не ги гледате. Од друга старана, со самата конкуренција имате и со кого да се натпреварувате, ви се буди креативноста и желбата да бидете подобри и поквалитетни.
Во однос на нелојалната конкуренција Велков вели: Секако дека прави штетата со неквалитетно завршена работа и далеку пониски цени. Проблем, исто така, е и кога неетаблирани фирми без лиценци ке завршат неквалитетно некоја работа и потоа сите агенции се во ист кош. Но, драго ми е што компаниите ја препознааваат сериозноста и од година во година само вистинските играчи остануваат во трка.
Што е она што оваа 2019 е најголем предизвик за вас?
- Во 2018 се соочивме со големиот предизвик кога оние кои секогаш ни беа желба да ги достигнеме посакаа да станеме партнери. Се работи за хрватскиот MojPosao кој сега ни се партнери во нашата компанија, а заедно сме дел од Alma Career групацијата од Финска. За оваа година, најголем предизвик ни е синхронизација со сите нивни продукти кои навистина бараат посветеност и човечки потенцијал кој го градиме по пат. Еден од тие продукти е и MojaPlata.mk - истражување за плати кое ке им послужи на компаниите за правилно да ги испланираат платите на своите вработени, а вработените да бидат поподготвени за преговарањето за својата плата. Тоа е нешто што фалеше на пазарот на труд во Македонија и конечно со гордост ќе кажам -Сега го имаме и кај нас.
Што му недостига на пазарот на труд во Македонија?
Велков: Од се по нешто, но сметам дека основата лежи во образовниот систем. Огромната разлика помеѓу она што идниот кадар го учи и она што го бара пазарот на труд. Во моментов на пазарот му требаат луѓе со конкретни вештини и знаења кои може да се научат во формалниот систем, но и не мора. Но ако се добијат во формалниот систем тоа значи дека од таму излегува готов кадар кој веднаш може да почне со работа. Тука зборувам пред се за средното стручно образование кое треба да стане основа на целата индустрија.На пример имаме преку 100 профили на одредени професии, а само 2 од оние кои се дефицитарни. На пример правници во однос на заварувачи. Неопходно е родителите да зборуваат и разговараат со децата, да им се посветат и правилно да ги насочат, да не биде срамота ако не си завршил факултет. Исто така, морам да кажам дека мора да се работи на дисциплината генерално како вештина неопходна за добар работник.
Велков додава и дека можеби е потребно студентите да се насочат задолжително преку лето да работат, што пак ќе се помогне многу во недостигот на сезонски работици посебно во угостителската дејност и во земјоделството. Значи мораме да се вратиме на она старото од работа нема срамота.
Што се однесува до менаџментот на компаниите, тој мора да работи на себе и што побрзо да ги интернационализираат своите компании. Да постои правилен систем на наградување и напредување. И да, поборник сум за зголемување на платите, но прво подобрување на квалитетот на кадарот.