Неуредното CV може да ги намали вашите шанси за добивање на работата, па затоа треба да направите се за да ги избегнете овие “иритирачки“ грешки.
Кога Тина Николаи почна да работи како регрутер за Walt Disney World во доцните 1990-ти, забележала дека голем број кандидати кои бараат работа испраќаат непотполни кратки биографии.
“Сфатив дека луѓето едноставно не знаат како да се продадат себеси и своите достигнувања“, вели Николаи за Бизнис Инсајдер. “И така знаев дека постои пазар за едукација на кандидати за работа на сите нивоа и во сите индустрии“.
Така, во 2010 година, таа ја основаше компанијата Resume Writer’ Ink.
“Откако ја основав мојата компанија, имам прочитано повеќе од 50.000 кратки биографии“, вели таа. Таа вели дека постојат одредени грешки што одновно и одново се прават и изгледаат прилично иритирачки во очите на работодавците.
Со оглед на тоа што менаџерите за човечки ресурси многу често својот прв впечаток за вас го засноваат на вашето CV, императив е добро да го подготвите истото пред да кликнете “аплицирај“ на огласот за работа. Ова важи посебно за работни позиции кои привлекуваат голем број на подобни и талентирани кандидати каде што работодавците дури и за најмала грешка можат да ја фрлат вашата биографија во корпата со “не“.
Според Николаи, ова се седумте најчести грешки што кандидатите ги прават во своето CV:
Невнимателност
Ова е дефинитивно најголемата грешка што ја прават работобарателите: тие се невнимателни, не обрнуваат внимание на детали, па дури се и мрзеливи. Николаи вели дека забележала премногу CV-а со печатни грешки, непрофесионални фонтови, застарени податоци и ирелевантни информации.
Долго резиме
Таа вели дека резимеата се досадни за читање кога се напишани во формален тон и вклучуваат премногу придавки. “Никој не сака да чита резиме кое изгледа како поглавје од книга. Многу подобро е да наброите неколку работи кои ќе ги истакнат вашите достигнувања и уникатна фраза во која ќе наведете кој е вашиот најголем талент“, предлага Николаи.
Очигледност
“Престанете да го повторувате тоа што е очигледно“, вели таа. На пример, нема потреба да пишувате “мобилен телефон“, “домашен телефон“ или “е-пошта“ пред телефонските броеви или адресата од вашата електронска пошта.
Референци
Колку пати досега во вашето CV сте напишале дека сте подготвени да доставите референци на барање на работодавачот? Погодете што: не е потребно. Работодавците знаат кога е потребно да побараат референци. “Наместо тоа, овој простор искористете го за вашата лична изјава или додадете го линкот од вашиот профил на LinkedIn“, вели Николаи.
Набројуванки со “одговорен/на за“
Ова е уште една “мрзелива работа“ што работодавците ја виделе во голем број работни биографии. “Кандидатите треба да разберат дека започнувањето на реченицата со “одговорен за“ на читателот му кажува кои биле работните задачи на вработениот, но не и дали тој успешно ги извршувал функциите“, смета Николаи. Таа вели дека многу подобро е да објасните што точно сте постигнале, а не само тоа што се очекувало од вас.
Жаргони
Жаргоните во CV, како што се “out-of-the-box“ и “team player“ нема да направат да изгледате поинтелигентно. Според Николаи, на личноста која навистина е единствена во решавањето на проблеми и функционира добро во тим не и требаат такви зборови за да ги покаже своите квалитети.
Преголема формалност
Конечно, таа вели дека во текот на својата работа наидува на премногу формални CV-а кои се веќе досадни бидејќи истите не му овозможуваат на читателот да се внесе во содржината и да допре до личноста на апликантот. Ако сакате да ја добиете работата мора да се издвоите од другите - бидете креативни!