Glassdoor открива пет правила кои ќе ви помогнат да напишете одличен опис на работното место.
На денешниот пазар на труд кој изобилува со голем број огласи за вработување, но и со недоволен број на кандидати, работобарателите се и те како пребирливи кога избираат помеѓу понудените работни места.
Проучувајќи ја понудата, тие ги отфрлаат огласите кои не им одат во прилог и се фокусираат на работни места кои сметаат дека се создадени баш како за нив.
Освен платата и работните услови, описот на работното место е исто така силен фактор кој влијае врз нивната одлука дали да аплицираат.
Имено, добро напишаниот опис на работните задачи може да биде потребниот тег на вагата кој ќе ги охрабри кандидатите да се пријават на вашиот оглас за работа.
Но, тука доаѓаме до клучното прашање – како правилно да го опишеме работното место?
Glassdoor препорачува да се придржувате до овие пет правила:
Називот на работното место мора да биде јасен и прецизен
И покрај тоа што ќе ви биде потребна подоцна, на почетокот можете да ја занемарите вашата креативна страна. Кога го пишувате називот на позицијата за која барате вработен, мора да бидете максимално концизни, па дури и малку “здодевни“.
Знаеме дека изразите како “Финансиски гуру“ и “Волшебник за продажба“ звучат интересно и дефинитивно ќе ви помогнат да се издвоите од толпата, но истите не му значат ништо на Google и на другите интернет пребарувачи.
Ако насловот на работната позиција е “Директор за сметководство“, “Претставник за продажба“ или “Магационер“, верувајте дека вашиот оглас ќе биде забележан од поголем број на кандидати кои бараат работа на тие позиции.
Прилагодете го описот на работата со визијата на компанијата
За да успеете да го привлечете вниманието на потенцијалните кандидати, поврзете го описот на работното место со мисијата и визијата на вашата компанија. Спомнете ги возбудливите и предизвикувачки проекти на кои ќе работат кандидатите и објаснете како тоа ќе придонесе за заемниот развој на компанијата и вработените.
Објаснете на кој начин се грижите за балансот помеѓу приватниот и деловниот живот на вашите вработени и истакнете ги сите бенефиции што ги нудите како работодавач, како што се на пример: флексибилно работно време, работа од дома, корпоративни настани, тим билдинзи и сл. Немојте да изоставите ништо бидејќи секоја од тие ставки може да биде пресуден фактор кој ќе ви обезбеди да имате повеќе апликации.
Не претерувајте со условите што кандидатите треба да ги исполнат
Разбираме дека имате високи стандарди и сакате да го пронајдете најдобриот можен кандидат за отвореното работно место, меѓутоа не претерувајте со условите. Сигурно сте забележале огласи во кои работодавците од кандидатите бараат да исполнат голем број на специфични, па дури и невозможни услови, кои создаваат впечаток дека идеалниот кандидат за работата мора да има најмалку три факултети, десет години работно искуство и точно да говори пет странски јазици.
Огласот треба да биде лесно читлив од мобилен телефон
Имајте на ум дека се поголем број на лица кои бараат работа пребаруваат огласи од своите мобилни телефони. Затоа, избегнувајте обемни и долги работни описи. Наместо тоа, скратете ги речениците и употребувајте подточки.
Направете ја вашата домашна задача
Сакате да дознаете какви огласи објавуваат вашите конкуренти? Отворете го интернет пребарувачот и внесете го името на позицијата. Прочитајте каков опис на работно место има во другите огласи и учете од позитивните примери. Погледнете како вашите конкуренти ја промовираат и продаваат својата култура и организација.