Потребни се само три прашања кои ќе ви откријат се што треба да знаете за еден кандидат.
Се разбира дека постојат десетина прашања што може да ги поставите на интервју за работа меѓутоа сите овие прашања на еден или друг начин се обидуваат да ги добијат истите одговори: дали кандидатот е способен добро да ја извршува работата што му ја нудите, дали ќе биде доволно мотивиран за тоа и како ќе се вклопи во вашата работна средина.
Верувале или не, за да ги добиете сите овие информации доволно е да ги поставите следните три прашања:
- Можете ли да ја работите оваа работа?
- Дали ќе ја сакате оваа работа?
- Дали ќе ни биде пријатно да работиме со вас?
Тоа е тоа. Овие прашања можете да ги преформулирате на безброј начини (на пример: Кои се вашите силни страни? Каде се гледате за 5 години? Имате ли искуство во тимска работа? Како се справувате со авторитет?), но како и да ги поставите вашите прашања, целта е да добиете одговор на горенаведените три.
Зошто се важни овие три прашања?
Имено, зад овие три прашања се кријат три тематски единици кои работодавците најмногу ги интересираат: моќ, мотивација и вклопување.
Моќ
Можете ли да ја работите оваа работа?
За добро да ја извршува работата не е доволно само добро да се совладаат одредени вештини – кандидатот мора да покаже дека поседува лидерски способности (самостојност во извршувањето на задачите) и емоционална интелигенција (способност за градење на квалитетни меѓучовечки односи).
Професионалните знаења и вештини ќе му помогнат на кандидатот во развојот на кариерата меѓутоа по одреден степен на напедок, карактерот станува многу поважен од нив.
Тоа не можете да го дознаете од CV-то на кандидатот па затоа е неопходно на разговорот за работа да побарате конкретни примери за работи во кои кандидатот е добар, но и каде погрешил (и што научил од таа грешка).
Мотивација
Дали ќе ја сакате оваа работа?
Помладата генерација не сака да биде добро платена само затоа што работи напорно, туку обратно: тие работат напорно бидејќи уживаат во тоа што го прават и сакаат да ги надминат сите предизвици кои им стојат на патот до целта. Работодавците кои ја препознаваат разликата ќе имаат можност да вработат поквалитетни луѓе.
Вклопување
Дали ќе ни биде пријатно да работиме со вас?
Многу е важно новиот вработен да се вклопи во корпоративната култура. Точно е дека искусен професионалец кој доаѓа на ново работно место знае се околу неговата работа меѓутоа способноста за вклопување во новото работно опкружување е нешто сосема друго.
На долг рок, нема да бидете задоволни дури и од најголемиот професионалец кој добро си ја работи својата работа доколку е многу тешко да се соработува со него. Затоа, неопходно е да проверите навреме дали потенцијалниот кандидат ќе се вклопи во вашата корпоративна култура.
Како да се подготвите за интервју за работа?
Ако сте вие лицето кое ќе го прави интервјуто, пред почетокот на разговорот мора да знаете каква моќ и мотивација очекувате од кандидатот и каков тип на личност мора да биде за најлесно да се вклопи во вашиот тим.
Имајте на ум дека интервјуто е дијалог во кој разменувате вредности со кандидатот. Тој треба да ви понуди “решенија“ за предизвиците со кои се соочувате, додека вие му ја нудите вашата компанија и работното опкружување како место на кое кандидатот може да покаже се што знае за да го даде најдоброто од себе и на тој начин да го унапреди вашиот бизнис.
Ако немате јасна идеја за тоа каков кандидат ви е потребен, побарајте совет од вашите вработени. На оперативно ниво, тие ќе бидат оние кои најдобро ќе ви објаснат каков тип на знаења и вештини мора да поседува нивниот иден колега.