Интервјуто за работа изгледа страшно за многумина, но тоа не мора да биде така. Работодавачите имаат многу заеднички интереси и сите од нив прашуваат слични прашања. За да се подготвите за интервјуто за работа, мора да направите повеќе битни работи.
Најпрвин, мора да ја истражите компанијата која го нуди работното место. Она што работодавачите најмногу ги нервира е кога кандидатите знаат многу малку за фирмата. Потоа, обидете се да разберете што ѝ е потребно на организацијата. Зошто бараат токму таков човек? Што е она што им е потребно? Со ваквите информации, можете да ги обликувате одговорите како што ќе им одговара на работодавачите. „Гуглајте“ се.
Откријте што компанијата знае за вас. Видете што гледаат тие. Доколку има нешто негативно за вас, подгответе одговор за да се одбраните. Пред секое интервју, прашајте се себеси: „Зошто одговарам за оваа работа?“ Потоа, вежбајте ги најчестите прашања и вашите одговори со пријател, колега или родител. Притоа, сетете се на претходните интервјуа на кои сте биле и обидете се да ги извлечете поуките од нив. Секогаш бидете позитивни. Никој не сака колега кој шири негативна енергија, а сите сакаат некој кој ќе им го разубави работниот ден со насмевка. Така, и вие ќе се чувствувате поудобно и подобро ќе одговарате на прашањата. Како да одговорите на најчестите прашања?
Прашање: „Кажете ни повеќе за вас/Опишете се.“ Ова, всушност, може да биде трик-прашање. Работодавачите не смеат да прашуваат за приватниот живот на кандидатот и ова е начин на кој тие успеваат да го „извадат“ тоа од вас. Најлошиот начин на кој ќе пристапите кон ова прашање е да ја кажувате својата животна приказна. Најдобро е да дискутирате за вашите интереси кои се поврзани за работната позиција и да кажете зошто вашето минато ве прави добар кандидат за работата.
Прашање: „Кои се вашите силни и слаби страни?“ Лесно е да се зборува за силните страни, но тешкиот дел се слабостите. Никогаш не зборувајте за вашите вистински слабости освен доколку не сте ги надминале. Најдобро е да дискутирате за нешто што сте го правеле порано, но повеќе не. Менаџерите не сакаат кога кандидатите одговараат со: „Слабоста ми е тоа што работам многу напорно“ и слично.
Прашање: „Каде сакате да бидете 5 години во иднината?“ Она што впрочем се прашува тука е: „Дали оваа работа е поврзана со вашата планирана кариера или аплицирате само бидејќи ви треба нешто?“ Покажете им дека сте човек кој има професионални планови и сакате вистинска кариера. Дадате им до знаење дека се надевате на професионален напредок во компанијата. Не велете нешто како: „Не знам. Ја сакам вашата работа“.
Прашање: „Колкава би сакале да биде платата?“ Менаџерот прашува „Дали имате реалистични очекувања во врска со платата?“ Обидете се да го избегнете ова прашање во првото интервју. Кажете дека доколку сте земени предвид сериозно, би можеле да им дадете предлог.
Прашање: „Зошто би требало да ве вработиме?“ Останете фокусирани на вашето минато – зошто тоа ве прави идеален кандидат, и кажете им како ќе придонесете за компанијата. Кажете дека една од вашите цели е да ја олесните нивната работа со земање што повеќе одговорности и дека ќе бидете возбудени за работата уште од првиот ден.