Кога станува збор за аплицирањето на огласи, вашето CV не е единствената работа на која треба да поработите. Од голема важност е и содржината и структурата на мејлот во кој ја испраќате вашата апликација. Еве неколку совети како да напишете мејл со кој ќе ја добиете секоја работа.
Замислете дека пред вас се наоѓа оглас за работа од вашите соништа. Знаете дека ги поседувате сите потребни квалификации. Знаете дека добро ќе се вклопите во компанијата. Правите совршена и приспособена кратка биографија и мотивациско писмо и потоа ја испраќате вашата апликација до работодавачот преку мејл.
Потоа чекате... и чекате... и ништо. Поминале две недели, а вие уште не сте добиле повратен одговор.
Зошто?
Затоа што никој не ја видел вашата апликација.
А зошто е тоа така?
Затоа што не сте ја испратиле вашата апликација на вистинскиот начин.
Сепак, не грижете се, бидејќи ние ќе ви откриеме ефективен и лесен начин за испраќање на кратка биографија преку мејл. Еве неколку совети како да напишете мејл со кој ќе ја добиете секоја работа:
Ставете наслов кој привлекува внимание
Знаеме дека најголемиот дел од работодавците преферираат во насловот на мејлот да се стави називот на работното место за кое аплицирате меѓутоа обидете се барем да смислите некоја кратка фраза која ќе го содржи тој елемент, а сепак ќе ве издвои од останатите кандидати.
Обратете му се директно на лицето кое е одговорно за вработување
Персонализирајте ги вашите апликации со тоа што ќе му се обратите директно на HR Менаџерот на компанијата. Неговото име и презиме може да го пронајдете многу лесно на LinkedIn, а тоа му покажува на работодавачот дека сте се потрудиле да истражите повеќе за компанијата.
Во првиот пасус, објаснете кои сте вие и зошто го испраќате овој мејл
Откако ќе му се обратите на лицето кое е одговорно за вработување, претставете се и наведете од каде сте дознале за отворената работна позиција.
Во вториот пасус, наведете ја вредноста што ќе ја донесете во компанијата
Вториот пасус е резервиран за вашиот мотив “зошто аплицирате во компанијата“ и “зошто компанијата треба да ве вработи“.
Завршете го мејлот велејќи дека сте желни да се сретнете лице в лице
На крајот на мејлот, однапред заблагодарете се за издвоеното време и истакнете дека со нетрпение чекате да се сретнете лице в лице.
Додадете професионален потпис со ваши контакт податоци
Вашата апликација ќе изгледа многу попрофесионално доколку направите ваш персонализиран потпис со име и презиме, моментална позиција, контакт податоци и линк од профил на LinkedIn.
Прикачете ја вашата биографија и мотивациско писмо во PDF
Не заборавајте да ја прикачите вашата кратка биографија и мотивациско писмо во PDF, како и да ставите соодветни наслови (име и презиме) на тие фајлови.