Дали сте успешни во обучувањето на вашите вработени? Повеќето директори и вработени на менаџерски позиции ќе одговорат “да“ меѓутоа реалноста е многу поинаква. Зошто? Менаџерите имаат тенденција да мислат дека обучуваат кога всушност само им кажуваат на своите вработени што треба да прават.
Според Сер Џон Витмор, водечка фигура во областа на executive coaching, коучингот се дефинира како “ослободување на потенцијалнот на една личност со цел максимизирање на нејзините перформанси“. Тоа е всушност помош во процесот на учење, а не постојано подучување. Кога е направен на вистински начин, коучингот ги оспособува вработените да одлучуваат и реагираат врз основа на својата експертиза, а не да чекаат да им се каже што треба да направат.
Џулија и Трентон Милнер, експерти за executive coaching, неодамна во списанието Harvard Business Review ги споделија резултатите од нивната студија: повеќето менаџери не знаат што е коучинг.
Тие собрале група од менаџери од кои било побарано да обучат една личност на тема “управување со време“. Во истражувањето учествувале 98 лица кои имале завршено курс за лидерство и работно искуство на различни менаџерски позиции, од кои една третина биле жени, а две третини мажи. Во просек, учесниците биле на возраст од 32 години и имале 8 години работно искуство, од кои 3.8 години на менаџерска позиција. Сесиите траеле по пет минути и истите биле снимани. Подоцна, тие биле оценувани од искусни експерти за коучинг.
Најголемото откритие од истражувањето е фактот дека кога првично било побарано да ја обучат личноста, повеќето менаџери демонстрирале форма на консултантство. Во суштина, тие едноставно дале совет или решение од типот “прво го правиме ова“ или “зошто не се обидете вака“.
Овој вид на микроменаџерско обучување, за жал, е се’ уште присутно во голем број организации.