„Како компанија со јасно поставени цели, со јасна визија каде сака да се најде во иднина, по патот се среќававме со многу предизвици“
Катерина Маџовска е вработена на раководна позиција во секторот онлине услуги за огласување на работни места во компанијата Вработување ОНЛИНЕ ДОО. Веќе 13 години е дел од тимот на оваа компанија.
Одговорна е за продажните услуги на компанијата, за раководење со тимот продажба и соочување со бројните предизвици на пазарот на трудот во насока на исполнување на целта, задоволни клиенти и пополнети работни позиции.
Како Катерина се сеќава на својот прв работен ден во компанијата?
Првиот ден од мојата кариера во оваа компанија е нешто што секогаш ќе го паметам. Имав приемно интервју од страна на колешката Славица Трајковска од секторот Посредување при вработување. Од неа добив охрабрување кое секогаш ќе го паметам и на кое и ден денес се присетувам во моменти кога ми е потребна дополнителна мотивација.
А токму мотивацијата, визијата и желбата за успех е она што со сигурност носи резултати... Што е она што го сметате за личен успех постигнат во компанијата?
Претставување на брендот пред македонската бизнис средина, реализација на постaвeни таргети (индивидуални и тимски, месечни и годишни). Горда сум и на предлозите за вработувања на колеги. Ќе ги посочам колегата Димче Павловски кој одговорен за целокупното работење и непречено развивање на услугите кои ни нуди сајтот Вработување.ком.мк и колешката Ирена Ѓоршев Раководител на секторот Организациски консалтинг.
Што било за Вас најголем предизвик за време на овие 13 години кариера во Вработување:
Вработување ОНЛИНЕ од минатата година е во партнерство со хрватскиот MojPosao, што значеше имплементација на многу промени во работењето и услугите на компанијата.
Најголем предизвик за мене беше трансферот на знаење и спроведување на култура на работа од хрватско бизнис општество во домашно-македонско кои моравме да ги имплементираме во начинот на нашето работење откако сме во партнерски односи со Хрватската агенција Moj Posao. Ова е предизвик со кој сеуште успешно се соочуваме.
Ако треба со еден збор да го опишете вработување кој би бил тој?
Одговорност.
Одговорност е и главната карактеристика на Димче Павловски...
Димче 8 години е дел од тимот на Вработување Онлине, денес вработен на позиција „Раководител на веб сектор и Менаџер за клучни клиенти“.
Што значи да се биде вработен на оваа позиција?
Одговорен сум во два сегменти од нашето работење, односно комплетно менаџирање на ВЕБ страна заедно со водење на посветен тим, како и менаџирање на повеќе од 500 клиенти – корисници на услуги на Вработување.
Го прашавме дали се сеќава на неговиот прв работен ден:
Секако! Препорачан од колешката Катерина Маџовска како кандидат „кој сака и се разбира од компјутери :) “. Во тој период во Вработување се креираше потребата од моето работно место како вработен кој ќе биде целосно посветен на веб сајтот и услугите кои ги нуди порталот.
8 години кариера, напредување во менаџерска позиција, одговорен во два сегменти од работењето на компанијата, факти кои говорат многу за напредокот на Димче, но го прашавме што според него е неговиот личен успех?
- Како личен успех постигнат во изминативе 8 години, би можел да набројам повеќе работи. Во оваа прилика би го издвоил подигнувањето на рејтингот на сајтот www.vrabotuvanje.com.mk на водечка позиција во својот сегмент, најмногу посетуван веб сајт во својата дејност, рангиран во топ20 веб сајтови воопшто во Македонија, како и одржување на водечката позиција во изминатите години до денешен ден.
Со кои предизвици во секојдневното работење се соочува еден вработен на позиција „Раководител на веб сектор и Менаџер за клучни клиенти“?
Како компанија со јасно поставени цели, со јасна визија каде сака да се најде во иднина, по патот се среќававме со многу предизвици, секојдневни предизвици, и предизвици за кои е потребно повеќе време да се надминат/ реализираат.
Во одделот каде раководам, предизвиците генерално беа од технолошки аспект, следење на глобалните трендови на пазарот на труд, прилагодување кон истите, адаптирање за македонско поднебје и имплементирање на соодветни технички решенија.
Најголем предизвик ми беше да имплементирам и водам проекти за 4 комплетно нови дизајн решенија на Веб сајтот www.vrabotuvanje.com.mk, кои се однесуваа на напредни технологии во предниот изглед на веб сајтот, така и во позадинскиот дел на платформата, за да денес, претставува најсофистицирано решение за огласување во Македонија. Порталот на Вработување Онлине е насочен како кон компаниите „Огласувачи“, така и кон „Кандидатите“ од другата страна, со нудење на услуги и софтверски решенија, се со цел олесување на процесот компанијата да успее да го најде и вработи најдобриот кандидат за отворената работна позиција, а од друга страна, кандидатот со соодветни вештини и способности да успее да се вработи на посакуваното работно место.
Ако треба со еден збор да го опишете вработување кој би бил тој?
Посветеност.