Свето правило е дека никогаш не треба да одбивате работа. Бидете позитивни и немојте да се жалите – никој не сака луѓе кои постојано се жалат. Не треба ниту да го обвинувате својот колега, особено ако нешто тргне наопаку со некој тимски проект.
Постојат неколку работи кои никогаш не треба да им ги кажете на своите колеги и работодавачи. Еве дел од нив:
Ќе се обидам
Бидете свесни за вашите предности и слаби страни и кога некој ќе побара од вас да направите нешто, пожелно е да ја направите таа работа до крај или да понудите алтернатива, но никогаш немојте да велите дека ќе се обидете да го сторите тоа бидејќи тоа звучи како воопшто да не се трудите. Наместо тоа, кажете “нема проблем, веднаш ќе почнам да работам на тоа“.
Тој е мрзелив / некомпетентен
Не си дозволувајте себеси да зборувате против колега пред вашиот шеф. Дури и ако сте во право, нема смисла да го намалите вашиот углед со тоа што ќе им го кажете на другите. Златно правило е никогаш да не ги омаложувате другите со цел да ги истакнете вашите доблести бидејќи ефектот е сосема спротивен.
Тоа не е моја работа
Знаеме дека секој од нас има работни задачи кои се во неговиот домен. Меѓутоа, бизнисот, како и сите останати работи во животот, е непредвидлив па така може да се појави некоја вонредна задача која мора да се заврши. Ако вашиот шеф ве замоли да направите нешто за кое што сметате дека е несоодветно за вашата позиција (се разбира, доколку е морално и етички), најдобриот потег е да ја завршите задачата со насмевка. Доколку тоа се случува често, поразговарајте со вашиот работодавач и прашајте дали има потреба да се ажурираат вашите работни задачи. Овој разговор ви овозможува да побарате покачување за дополнителната работа која ја правите.
Не можам
Ова е најнесоодветното нешто што може да го изјавите додека сте на работа. Ако навистина не можете да направите нешто затоа што не поседувате соодветни вештини, тогаш треба да понудите алтернатива. Секогаш гледајте да кажете што не можете да направите, но и што може да направите наместо тоа.
Не ми се допаѓа работата
Ако сте негативни кон целото ваше работно опкружување се карактеризирате како личност која ја мрази својата работа, а тоа ве прави токсични. Тоа ја намалува продуктивноста и задоволството на другите вработени, а работодавците имаат тенденција брзо да ги заменат луѓето кои ја нарушуваат позитивната работна атмосфера.
Не е моја вина
Ако работите како тим, никогаш не ги обвинувајте вашите колеги за било какви неуспеси. Запомнете дека никој не сака да работи со луѓе кои постојано бараат виновник. Прифатете дел од вината и понудете решение. Тогаш сте сигурни дека ја правите вистинската работа.