Employer branding и регрутациски маркетинг се два поими со комплексна меѓусебна врска: и двете работи се занимаваат со привлекување на таленти, комуникација и регрутација, но се разликуваат според начинот на постигнување на своите цели.
Employer Branding им помага на компаниите да го диференцираат тоа што го нудат на пазарот на трудот и да ги регрутираат, задржат и мотивираат талентите кои им се неопходни за да успеат.
Пред кандидатите да станат свесни за организацијата како потенцијален работодавач, тие собираат информации за имиџот на компанијата преку вести, социјални медиуми, информации на интернет, познаници и слично. Доколку брендирањето на работодавачот се прави на вистински начин, тоа овозможува поставување на диференцијален фактор во главата на кандидатите што ја издвојува организацијата во однос на идентитетот и EVP (Employee Value Proposition), односно тоа што компанијата им го нуди на вработените.
Испорака на ефективни пораки
Во процесот на привлекување на најдобрите таленти за вашиот тим, и двете работи се клучни за воспоставување на ефективна стратегија за вработување. Откако ќе го дефинирате вашиот бренд на работодавач, тогаш стапува на сцена регрутацискиот маркетинг како средство со кое организацијата екстерно го промовира својот бренд. Вообичаено, тоа се прави преку веб страна за кариера, креативни огласи за работа, содржини за регрутирање, добро искуство на кандидатот и градење на ефективни врски на пазарот на трудот.
Регрутацискиот маркетинг има за цел да достави ефективна порака, во вистинско време и до кандидатите кои најмногу ги преферирате. Привлекувањето на најдобрите таленти е предизвик и токму затоа ви е потребно добро да ги разбирате очекувањата на тие што сакате да ги привлечете и каналите преку кои сакате да допрете до тие кандидати. Со други зборови, регрутацискиот маркетинг цели кон тоа да ве направи најпосакувана опција за вработување пред потенцијалните кандидати во однос на вашите конкуренти (работодавачи).
Во овој контекст, на HR професионалците им е потребно добро разбирање на принципите на маркетинг и брендирање, како и комуникација, со цел ефикасно да ги искористат сите расположливи ресурси за привлекување на најдобрите кандидати. Регрутацискиот маркетинг несомнено ќе биде диктиран од големината и природата на самиот бизнис со цел тој да биде во согласност и да го поддржува корпоративниот бренд.
Вистинска стратегија за привлекување таленти
Секоја компанија посакува да биде “работодавач од прв избор“ и токму затоа брендирањето е од голема важност. Тоа отвора неограничена можност за компаниите преку користење на некои од техниките за брендирање и маркетинг да разберат како нивната организација се перцепира од страна на тековните вработени и од надворешните учесници на пазарот на трудот.
Сепак, брендирањето на работодавач не служи само за поефикасна регрутација. Тоа нуди можност да се здобиеме со интелигенција која ќе ни помогне да разбереме што ги мотивира луѓето да останат или да заминат од една компанија.
Тоа значи дека брендирањето на работодавач е повеќе за долгорочно стратешко позиционирање на брендот, за разлика од регрутацискиот маркетинг кој е насочен кон постигнување на краткорочни цели.
Бидејќи неуспешниот регрутациски процес чини пари, воспоставувањето на силен бренд на работодавач и овозможува на вашата компанија да се потпре на своите тековни вработени и на нивната моќ да бидат бренд амбасадори. Тој бренд, поддржан од внатрешниот маркетинг, ја прави вашата компанија посакувано место за работа.