Според квалитетот на услугата, љубезноста и познавањето на она што им се нуди на купувачите и гостите, Македонија годинава се најде на второто место во конкуренција со 6 земји од регионот, додека пак пред нас се наоѓа само Словенија. Тоа го покажа истражувањето “Регионална услуга GUEST“ спроведено од агенцијата Хераклеа во соработка со другите агенции во регионот.
Станува збор за 11-то истражување за квалитетот на услугите во регионот, спроведено од Хераклеа во соработка со слични агенции со помош на тајни купувачи, а освен Македонија и Словенија, во истражувањето се вклучени и Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Истражувањето е спроведено во јуни годинава, а тајните купувачи посетиле вкупно 800 продажни места од различни индустрии: автомобилски салони, банки, бензински пумпи, супермаркети, телекомуникациски компании, туристички и угостителски објекти, се со цел да откријат кој има најдобра услуга во регионот.
Тие ги мереа основните елементи на добра или квалитетна услуга, како што се поздравување, идентификување на потребите (желбите) на купувачите, познавање на производот, нудење на дополнителен производ и заблагодарување за посетата – и сето тоа по стандардите од акронимите кои произлегуваат од англискиот збор GUEST (гостин): Greet (поздравете), Understand (разберете), Explain (објаснете), Suggest (предложете) и Thank (заблагодарете се).
Македонија, со вкупен резултат од 83.1 поени, се најде на второто место во регионот и има за 4.1 проценти подобар резултат од лани.
Според ова истражување, Словенија ја има најдобрата услуга во регионот со резултат од 83.4 поени (подобрување за скоро 8 процентни поени).
На третото место е рангирана Хрватска, а потоа следат Србија и Босна и Херцеговина.
Најголем простор за подобрување има Црна Гора која со резултат од 55.1 се најде на последното место.
Севкупно гледано, најдобри оценки во сите шест држави има категоријата познавање на производот (92.5 поени), а најлоши резултати земјите покажуваат во категоријата понуда на дополнителни производи (34 поени).