Платите на германските работници во 2018 година пораснале за три проценти во однос на 2017 година, објави германската сојузна агенција за труд (БА).
Просечната месечна бруто плата на германските работници во 2018 година е зголемена на 3.304 евра, а истата една година претходно изнесуваше 3.209 евра, покажа извештајот на БА.
Причината за зголемувањето на платите агенцијата ја гледа во зголемувањето на бројот на квалификувани работници кои обично заработуваат повеќе.
Сепак, како што се покажа во извештајот, сè уште има големи разлики во платите меѓу мажите и жените.
Мажите во Германија во просек имале месечна плата од 3.468 евра, во однос на жените кои заработиле само 3.014 евра.
Најновите статистички податоци, исто така, покажаа дека инвестирањето во подобро образование и те како се исплати во Германија. Така, на вработените со високо образование во просек им биле исплатени 5.113 евра, додека просечната месечна плата за тие без формално образование изнесувала 2.461 евро.