Властите на Одшеред, град во Данска, воведоа четиридневна работна недела за сите вработени во општинската администрација.
Вработените во тоа место, околу 300 од нив, сега можат да го користат петок како слободен ден.
Кирстен Лунд Марквардсен, од општинската администрација, им рече на новинарите дека по долги дискусии, градските власти решиле конечно да ја стават во акција идејата за четиридневна работна недела.
Таа додала дека сите во градската власт веруваат дека на овој начин тие дополнително ќе ги мотивираат вработените да обезбедат уште подобри услуги за граѓаните.
„Сигурни сме дека луѓето ќе ценат дека имаат дополнителен одмор“, рече Марквардсен, додавајќи дека општинските службеници сега ќе работат 35 часа неделно.
Инаку, стандардната работна недела во Данска трае 37,5 часа.
Државните службеници вработени во општината се задоволни од новиот начин на работа.
Одшеред е полуостров во северозападниот дел на островот Зеланд во Данска. Оддалечен е околу 100 километри од Копенхаген. Градот моментно има околу 33.200 жители.