Управата за јавни приходи во денешното соопштение што го изнесе во јавност им порача на граѓаните кои учествуваат во проектот „Мој ДДВ“ и скенираат сметки за поврат на средства од данокот да проверат во нивните апликации дали им се внесени трансакциските сметки бидејќи исплатата за првите три месеци следува во декември.
„Согласно член 8 и член 16 од Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица (Службен весник на РСМ, бр.133 од 28.06.2019 година), Управата за јавни приходи по службена должност во декември 2019 година ќе изврши враќање на дел од данокот на додадена вредност на трансакциска сметка на граѓаните-корисници на апликацијата МојДДВ.
За таа цел, за да може да се изврши точно и непречено враќање на данокот, Управата за јавни приходи ги повикува граѓаните кои ја користат апликацијата МојДДВ, да извршат проверка на внесените податоци за трансакциска сметка или доколку не е внесена истата да ја внесат во апликацијата МојДДВ за да им се изврши враќањето на данокот“, се вели во известувањето.
Од Управата напоменуваат дека корисниците на апликацијата „Мој ДДВ“ треба да внесат лична трансакциска сметка, бидејќи во спротивно нема да може да се изврши враќање на данокот.