Покрај финансискиот аспект, кој е особено важен за секој од нас, сите ние сакаме работа што нуди задоволство, да работиме со одлични колеги, но и да имаме простор за напредување и учење на нови работи.
Што навистина сакаат вработените? Ова е веројатно најтешкото прашање за повеќето работодавци кои сакаат да создадат удобно работно опкружување каде среќни луѓе си ја извршуваат работата со задоволство. Дали е возможно да ја сакате својата работа и да се будите секое утро без грчеви во стомакот? Се разбира, но само ако го работите тоа што го сакате, притоа сте соодветно платени, а покрај тоа, работодавачот ви обезбедува дополнителни бенефиции, како што се можностите за едукација, флексибилно работно време и сл. Тогаш, зошто луѓето ја сакаат својата работа?
Работодавачот е свесен за нивните способности
Луѓето кои се занимаваат со работата за која се образувани, користејќи ги знаењата, вештините и способностите кои ги стекнале, се чувствуваат исполнети и сакаат работодавачот да го види тоа. На работа доаѓаат ведри бидејќи знаат дека нивната напорна работа и енергија ќе бидат канализирани во нешто од што ќе имаат корист голем број на луѓе. Тие сакаат да работат во околина каде постои мисија и визија и каде што самите ќе можат лесно да се вклопат. Работодавците кои ќе создадат ваква корпоративна култура, нема да имаат проблем со наоѓање на вработени кои навистина ја сакаат својата работа.
Имаат слобода да донесуваат одлуки
Иако комуникацијата помеѓу работодавецот и вработениот е исклучително важна, многумина преферираат работни места каде постои слобода за донесување одлуки на дневна основа. На пример, возач на камион кој треба да посети 15 локации дневно, сигурно нема да се јави кај директорот секој пат кога ќе биде приморан да смени рута поради работа на пат или друга вонредна состојба.
Овој пристап, се разбира, бара голема одговорност и целосна доверба помеѓу двете страни, но исто така претставува можност за вработените да го докажат своето знаење и квалитет.
Освен плата, осигурана им е и можност за доедукација
Напредокот во кариерата е важен за сите, така што вработените кои знаат дека работодавецот е подготвен да инвестира во нивното образование се многу посреќни и позадоволни на работа. Фактот дека вработениот може да ве напушти и плодот на вашата инвестиција да му припадне на некој друг работодавач не треба да ве плаши бидејќи подобро е да инвестирате во вработен кој ќе ве напушти отколку да не инвестирате во него и тој да остане со вас.
Колегите се одлични!
Кога на работа имате луѓе со кои може да пиете кафе, кои ви го чуваат грбот и ви помагаат во исполнување на вашите дневни задачи, се е полесно. Колегата кој секогаш носи домашни слатки на работа или колешката која одговара со насмевка на секој ваш повик... само такви луѓе можат да направат разлика во компанијата.
Компанијата има позитивна перцепција во јавноста
Вистинско задоволство за вработените е кога работат во стабилна компанија чии производи ги препознава и бара јавноста, а компанијата и возвраќа на својата локална заедница преку општествено одговорни иницијативи и проекти. Такви компании се само топ работодавачи во кој секој би посакал да работи!