Договор за вработување е правна форма која го регулира односот помеѓу две засегнати страни: работник и работодавач. Секој работодавач веднаш по изборот на работник за одредена работна позиција е должен да му врачи договор за вработување.
Според Законот за работни односи, договорот за вработување треба да ги содржи следните елементи:
1) Податоци за договорните страни, нивното живеалиште, односно седиште;
2) Датум на стапување на работа;
3) Назив на работното место, односно податоци за видот на работата за којашто работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување;
4) Одредби за обврската на работодавачот да го информира работникот за ризичните работни места и посебни стручни квалификации или познавања или неопходен посебен медицински надзор, во согласност со закон, со наведување на посебните ризици кои според законските прописи можат да бидат последица од работата;
5) Место на вршење на работата. Ако не е наведено точното место, се смета дека работникот ја врши работата во седиштето на работодавачот;
6) Време на траење на работниот однос, кога е склучен договор за определено време;
7) Одредба за тоа дали се работи за работен однос со полно или пократко работно време;
8) Одредба за дневно или неделно редовно работно време и распоредување на работното време;
9) Одредба за висината на основната плата, која се изразува во паричен износ која му припаѓа на работникот за вршење на работата според закон, колективен договор и договорот за вработување;
10) Одредба за другите надоместоци кои му припаѓаат на работникот за вршење на работата според закон и колективен договор;
11) Одредба за годишниот одмор, односно начинот за определување на годишниот одмор и
12) Наведување на општите акти на работодавачот во кои се определени условите на работа на работникот.