Учениците од Естонија со години наназад остваруваат завидни резултати на ПИСА тестовите кои ја тестираат способноста за примена на научното знаење во секојдневниот живот. Судејќи по резултатите од последното истражување за квалификуваноста на работната сила во земјата, можеме со сигурност да кажеме дека реформите во образовниот систем дадоа добри резултати. Па, како и успеа тоа на Естонија?
Во студијата “Образовни реформи и вештини за возрасни: Случајот на Естонија“, ОЕЦД, како меѓународна организација која го предводи и PISA тестирањето, заклучи дека образовните реформи имаат значителен импакт не само врз квалификациите на луѓето, туку и на нивните приходи и продуктивност.
Така на пример, професионалните вештини на оние кои поминале низ реформираниот образовен систем биле за 15 проценти подобри во однос на останатите, а нивните приходи се зголемени за дури 6 проценти. Инаку, реформата на средното и високото образование во Естонија беше спроведена од 1992 до 1998 година, најпрво во училиштата во кои се зборува естонски, а потоа и во училиштата каде се предава на руски јазик.
Реформата вклучуваше промена на наставниот план, обука на наставниците, децентрализација на целокупниот образовен систем, зголемување на автономијата на просветните работници, зачестени училишни инспекции и оценување на наставниците од страна на учениците.
Платите на наставниците се повисоки од државниот просек
Вториот бран на реформи во високото образование на Естонија кој беше фокусиран на начинот на финансирање и наставната програма следеше во 2013 година.
Ефектот од реформата 10 до 20 години по нејзиното спроведување, ОЕЦД се обиде да го утврди со тестирање на 800 Естонци во Програмата за проценка на компетенции на возрасните (ПИААЦ). Имено, тестирани се оние кои го завршиле своето образование пред и по 1992 година, а земени се предвид и разликите во динамиката на реформата помеѓу естонските и рускојазичните области, како и фактори како образованието на родителите, миграцискиот статус и индустријата во која моментално се вработени.
Една од главните причини за успехот на образовните реформи во Естонија се наставниците кои имаат голема слобода во осмислувањето на наставата. Според последниот мониторинг извештај за образование на Европската комисија, Естонија е една од ретките земји со долгорочна стратегија за негување на позитивен имиџ на наставниците во општеството, започната во 2014 годиниа со поддршка од европските фондови. Во оваа земја секој знае дека наставниците вршат значајна улога која е важна за целокупното општество.