Авиопревозникот “Делта Ерлајнс“ минатата година постигна одлични резултати па наместо само вербално да им се заблагодари на своите вработени, компанијата објави дека ќе исплати бонуси во вредност од 1.6 милијарди долари.
Ова значи дека секој вработен следниот месец ќе добие чек во висина од 16.6% од вредноста на нивната годишна плата што е еднакво на две дополнителни плати.
Делта не би била ништо без нашите 90.000 луѓе. Тие ги заслужуваат сите пофалби, напиша извршниот директор на Делта, Ед Бастијан, на својот профил на LinkedIn.
Инаку, ова е шеста година по ред компанијата да исплаќа бонуси во вредност повисока од 1 милијарда долари и овој бонус е само дел од финансиските награди кои ги добиваат вработените како резултат на добрите финансиски резултати.
Во просек, секој работник ќе добие по речиси 18.000 долари.
Интересно е тоа што единствените луѓе кои не се опфатени со овие бонуси се директорите, генералните менаџери и раководителите, иако тие ќе добијат редовни бонуси засновани на својот перформанс.