Често се поставува прашањето дали поимот безбедна комуникација на интернет воопшто постои и што можеме ние да направиме самите за да се заштитиме од хакерски напади и злоупотреби?
Најкомерцијалните апликации, како што се Фејсбук месинџер, Скајп или Снепчет, колку и да ни се чинат како безбедни, скандалот со Кембриџ аналитика и податоците на корисниците ни покажа дека не е така.
Често, поради професионална и безбедна комуникација, се појавува потребата од користење на некомерцијални комуникациски апликации, а токму Телеграм важи за една од таквите.
Според самиот опис на апликацијата, наведен од Телеграм, се работи за „чет“ со безбедна „end-to-end“ енкрипција на податоците, која е различна од клауд-верзиите кои се најпристапни за девелоперите, но и за хакерите и оние кои сакаат да злоупотребат податоци. Телеграм нуди и опција да го споделите својот контакт без телефонски број, туку само со корисничко име, може да се вклучи двојна автентикација, нуди опција за тајни разговори, но и за нивно самоуништување по одреден временски период, кој корисникот самиот го избира од понудените опции.
Телеграм е доста популарен начин на комуникација поврзана со работата, со споделување доверливи податоци меѓу соработници или клиенти и корисници, но секако, како и сè останато на интернет, опцијата за злоупотребување постои и не е исклучена.
Иако „end-to-end“ енкрипцијата не гарантира целосна заштита од шпионирање, сајбер-криминал и други злоупотреби, може да се каже дека целиот „пакет“ на податоци го прави помалку подложен на овие напади.
Покрај Телеграм, апликации кои функционираат на сличен или ист начин се и Воцап (WhatsApp), но довербата во оваа алатка опадна по сканалот со злоупотребата на податоци на корисници од страна на Фејсбук. Сепак, е доста побезбеден избор од Месинџер или Скајп. Достапна е и за Андроид и за iOS.
Viber
Популарниот Вајбер (Viber) од 2017 година наваму исто така нуди побезбедна комуникација меѓу корисниците, го имплементираа и истиот „end-to-end“ систем на енкрипција, а постои и опцијата за тајни разговори и самоуништување на содржини. Вајбер има над 900 милиони активни корисници. Достапна е и за Андроид и за iOS.
LINE
Исто популарна апликација, но не толку позната кај нас, е и јапонската LINE која била направена од тим од јапонски инженери, во 2011 година кога силен земјотрес го погоди Тохоку. Тогаш биле уништени многу базни станици и телекомуникациска инфраструктура, па бил најден алтернативен начин на комуникација. Од 2017 и LINE ја имплементира „end-to-end“ енкрипцијата. Достапна е и за Андроид и за iOS.
KakaoTalk
KakaoTalk е слична како и претходно наведените апликации, со тоа што ако сакате да користите „end-to-end“ енкриптирана комуникација, тоа го избирате рачно од менито на поставки. Апликацијата е популарна во Јужна Кореја. Достапна е и за Андроид и за iOS.
Signal
Апликацијата Сигнал (Signal) е во сопственост на Whisper Systems, чија врвна цел е заштитена и безбедна комуникација, а меѓу познатите корисници на апликацијата е и Едвард Сноуден. Сигнал има дифолтна „end-to-end“ енкрипција, едноставна е, нема стикери, нема емоџи и работи на секој мобилен телефон. Достапна е и за Андроид и за iOS.