Маркетинг експертот Џон Џушаи тврди дека влегувањето во светот на работата е како влегување во ракета. Возбудени сте поради полетувањето, но не знаете каде на крај ќе слетате.
За магазинот Forbes објаснува како да ја добиете работата ако немате искуство. Вели дека како и повеќето колеги кога почнал да работи во Google, немал многу искуство, но бил среќен што имал добри ментори.
Без разлика дали сте при крај со школувањето или преминувате од едно занимање во друго, многу е тешко да се добие работата од соништата, без релевантно работно искуство, но не е невозможно.
Тој објаснува како да добиете работа, дури и ако сте без искуство:
Признајте ги своите недостатоци
Во ред е да се фалите, но не и да се преценувате. Работодавците ќе ве заобиколат. Бидете скромни. Признајте ги своите недостатоци, но покажете дека имате желба за работа.
Трошете време за себе, а не на социјални мрежи
Луѓето често се жалат на презафатеност. Но, дали е така навистина? Размислете за тоа статистички: Во просек луѓето 50 минути од денот го поминуваат на социјални мрежи. Не значи дека треба да престанете да ги користите, клучот е во умереноста, а не во одрекувањето. Интернетот е најголема светска книга. Ако нешто сакате да научите, на интернет ќе пронајдете текст, видео и курсеви за тоа.
Склопувајте пријателства
Пронајдете начин како да им помагате на другите. Бидете несебични. Кога ќе се појави конкурс за работно место, известете ги пријателите. Истражувањата покажуваат дека 70 до 85% од сите работни места луѓето ги добиваат преку препораки. Создавајте пријателства, а не само врски. Делете животни приказни, а не само визит картички.
Подгответе се на многу одбивања
Одбивањето е дел од процесот. Не го сфаќајте лично.
Не бидете пребирливи
Вашата прва работа не мора да биде работа од соништата. “Кога почнав да работам во Google очекував дека ќе работам на најдобри проекти. Но, тоа не беше реалноста. Брзо сфатив дека CV може да ви овозможи работно место, но потоа мораш да се докажеш“, вели Џушаи.