Почнувате со работа во нова фирма или пак си заминувате? Тоа значи дека треба да се пријавите или одјавите од работен однос, односно од задолжително социјално осигурување. Во некои компании таа работа ја извршуваат административни асистенти или сметководители, но некаде треба да го направите тоа сами
Пријавување во работен однос
Работодавачот, како што наведува Агенцијата за вработување на Македонија, е должен да го пријави секое засновање и престанок на работен однос.
Пријавувањето на работен однос, работодавачот може да го изврши по електронски пат (само за приватниот сектор) или непосредно на шалтерот во центарот за вработување. Пријавувањето на работен однос рабодотодавачот е должен да го изврши најдоцна еден ден пред работникот да стапи на работа, со поднесување на потребната документација до центарот за вработување на чие подрачје се наоѓа седиштето на компанијата, односно местото на работење на работодавачот.
Меѓу потребните документи за пријавување работен однос се:
- ППР образец, во којшто рокот за пријавување не може да биде пократок од три работни дена,
- Овластување на овластеното лице со список на лица кои ги пријавува
- Исечок од објавениот оглас во дневен печат, доколку огласот бил таму поставен или фотокопија од договор за користење на услуги доколку се користени услуги на Агенција за посредување при вработување
- Известување, односно согласност доколку се пријавува работен однос во државна или јавна институција.
Штом се приложат овие документи, се евидентира пријавувањето на работниот однос во електронскиот образец М1/М2 во системот на Агенцијата за вработување.
Одјавување на работен однос
Одјавувањето од работен однос се врши со поднесување на потребната документација до центарот на вработување во местото каде што бил пријавен работникот. Одјавувањето од работен однос во приватниот сектор може да се врши и по електронски пат, само доколку и пријавувањето е направено на тој начин.
Одјавувањето од работен однос го врши работодавачот во рок од осум дена од денот на престанок на работниот однос.
Потребни документи за одјавување на работен однос:
- Овластување на овластено лице со список на лица кои ги одјавува
- Електронски образец М1/М2 испечатен од системот.