Економистот Тимо Болт, сопственик на компанијата Gousto, поради прекувремена работа нема време за готвење, а проблемот успешно го решил.
“На 26 години работев како економист во една лондонска корпорација. Дури и кога нешто ќе си зготвев или купев од маркет, поголем дел од таа храна ја фрлав во ѓубре“, се присетува Болт. Денес е сопственик на лондонската компанија Gousto, којашто решава проблем со набавка на намирници за оние кои немаат време да појдат во маркет.
Неговиот Gousto на домашна адреса доставува кутија со сите потребни намирници за подготовка на саканиот оброк. Намирниците се измерени и прилагодени на бараната порција на корисникот, а со нив доаѓа и рецепт за подготовка. Истакнува дека најчести клиенти му се млади семејства со деца и вработени самци.
Денес, осум години подоцна, неговата компанија годишно има 100 милиони фунти (115,3 милиони евра), приход од продажба, а со своите конкуренти е дел од индустријата којашто само во Велика Британија вреди повеќе од милијарда долари. Според предвидувањата до 2025 година на глобално ниво оваа индустрија ќе вреди повеќе од девет милијарди долари.
“Gousto го отворив од заштедата која ја имав. Имав 75.000 фунти и сè инвестирав во нов бизнис. Понекогаш продажбата знаеше да достигне толкаво ниво што немав време да испорачам сè, а имаше и периоди кога немаше ни една единствена порачка. Како и секој почеток и овој беше тежок“, објаснува тој.
Неговата компанија може во просек да испорача 250.000 пакети месечно. Вработува повеќе од 500 луѓе ширум Британија, а оваа бројка планира да ја зголеми на 1.200 работници.