Во четвртиот квартал од 2019 година во земјава имало вкупно 502.657 вработени и 9.053 слободни работни места, од кои најголем број 3.114 во петтата група на занимања – Работници во услужни дејности и продажба.
Според податоците на Државниот завод за статистика, стапката на слободни работни места изнесува 1,77 отсто.
Највисока стапка на слободни работни места, пак, има секторот Л – Административни и помошни услужни дејности со 4,71 отсто, додека најмала е стапката во секторот Д – Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината, во кој изнесува 0,60 отсто.
Најмногу слободни работни места имаат деловните субјекти со 10 до 49 вработени каде стапката на слободни работни места изнесува 2,02 отсто, а највисока стапка на слободни работни места од 2,08 отсто има во Пелагонискиот регион.