Вечерта помеѓу 28 и 29 март во 2 часот наутро започнува летното сметање на времето што значи дека стрелките на часовникот се поместуваат еден час напред. Ќе биде ли ова последното менување на сказалките?
За укинување на ваквата пракса во рамките на ЕУ се зборуваше и минатата година кога Европската комисија предложи укинување на летното и зимското сметање на времето најдоцна до оваа година, а Советот на министри за транспорт и телекомуникација изрази загриженост за подготвеноста на земјите членки да се прилагодат на новите услови во толку краток временски период по што повика на одложување на суспензијата за промена на времето.
По ова, постигнат е компромис новата директива да стапи на сила од 1 април, а последното менување на сказалките да се случи во март 2020 година.
Дотогаш, земјите членки треба да преговараат за временските зони и трајното прифаќање на летното или зимското сметање на времето.
Иако промената на времето е генерално корисно за заштеда на енергија во текот на летото, очигледно има повеќе недостатоци отколку придобивки.
Досега, поместувањето на часовникот беше право на избор за секоја земја – не постои закон што вели дека часовникот мора да се менува, а во моментов повеќето европски земји и скоро цела Северна Америка ги поместуваат стрелките на часовникот два пати во годината, додека остатокот од светот се откажал од ова или никогаш не го ни поместил часовникот.
Оваа промена во сметање на времето прв пат како идеа се спомнува во 1784 од страна на Бенџамин Френклин со цел да се „заштеди на сончева светлина“. Всушност идеата била да се заштеди на свеќи во текот на ноќта и утрото за време на зимскиот период. Сепак оваа идеа преминала во пракса дури во 1966 година, а во нашата земја во почетокот на осумдесеттите години во минатиот век.
Меѓутоа, со текот на времето се покажа дека ваквата промена носи и неколку ризици поврзани со човековото здравје. Голем дел од луѓето ќе чувствуваат и други последици на навидум малата промена во биоритамот. Како тавки се зголеменото ниво на стрес, несоница, па дури и поголем број на сообраќајни несреќи.