Во Шведска нема полициски час, забрани за движење или прекин на јавниот превоз, а училиштата, рестораните и кафулињата се отворени...
За разлика од мнозинствоот држави во светот – вклучивајќи ги и нејзините соседи Данска, Норвешка и Финска – Шведска не воведе построги наредби за ограничувања на движењето и социјално растојание.
И покрај тоа што досега забележа 2.526 инфицирани лица со коронавирус, а 62 лица досега починаа, Шведска моментално е единствената земја во која градинките и основните училишта се отворени, како и продавниците, рестораните и баровите.
Средните училишта и универзитетите изведуваат он-лајн настава, а забранети се само јавни собири со над 500 луѓе. Властите препорачаа луѓето над 70 години да го ограничат контактот со другите, како најризична категорија.
Целта е да се создаде т.н. „колективен имунитет“, и покрај ризикот од ширење на вирусот кај се поголем број граѓани, кои според владината стратегија треба подоцна да станат имуни на Ковид-19.
Премиерот на Шведска, Стефан Лофвен, изјави дека се уште не размислува да воведе построги мерки. На пример, одлуката да не се затворат училиштата е донесена со цел да им се овозможи на вработените во здравството да функционираат без грижа за децата.
Лофвен одржа и говор во живо на телевизија во кој ги повика граѓаните да бидат одговорни и да останат дома доколку почувствуваат симптоми.
Досега, Швеѓаните се чини дека се задоволни од мерките што ги презема нивната влада во борбата против Ковид-19. Во последната анкета на дневниот весник “Свенска Дагбладет” нешто повеќе од половина од испитаниците сметаат дека нивната земја засега добро се справува со новиот коронавирус.