Вонредната состојба наметна и вонредни услови за работа, а со тоа и многу неизвеснот и нејаснотии и кај работобарателите и кај работодавачите. Направивме интервју со нашиот HR менаџер, Павлина Андовска во кое таа објаснува кои се вашите права и обврски во оваа ситуација:
1. Кои се обврските на работниците во врска со извршувањето на работните обврски додека трае состојбата со корона вирусот?
Во врска со вршењето на договорено работење, обврска е да се применуваат сите закони и регулативи. Особено се потенцира дека работникот е должен да ги почитува сите мерки на безбедност и здравје во согласност со Законот за работни односи, Законот за безбедност при работа и други закони.
2. Обврски на работникот и работодавачот во случај на решение или друг соодветен акт што ја определува самоизолацијата?
Работодавецот и работникот се должни целосно да се придржуваат кон донесената одлука или друг соодветен акт на начин пропишан со посебна регулатива. Неисполнување на договорената работа во споменатиот случај не може да биде оправдана причина за раскинување на договорот за вработување, ниту е дозволено на работникот да постапува по упатствата на работодавачот, што би претставувало однесување спротивно на наредбата од споменатата одлука или друг соодветен акт.
За време на траењето на самоизолацијата, работникот има право на исплата на плата во согласност со посебна регулатива. Исклучително, во случај работникот и работодавачот да се согласат да работат од дома во определениот период, работникот има право на плата. Правата, обврските и условите кои зависат од природата на работата дома, се уредуваат меѓу работодавачот и работникот со договорот за вработување
3. Дали работодавачот може да одреди работа од дома?
Согласно мерките и препораките на Владата на РСМ, преземени со цел заштита на населението од ширење на вирусот КОВИД‐19, одделни работодавачи организираа работа од дома. Но, што претставува работа од дома, како да се организира, односно дали работодавачот може да ја организира само со усмени одлуки или е потребно да се преземат други дејствија?
Вршење работа од дома, согласно одредбите од Законот за работните односи, се организира со договор за вработување за работа која се врши надвор од деловните простории на работодавачот, односно дома, а одлуката за тоа ја донесува работодавачот. Меѓутоа, за да се реализира работа дома неопходно е да се склучи договор за вработување за вршење работа дома, односно неопходна е согласност на волјите на двете страни: работодавачот и работникот.
ЗРО не определува кои работи можат да се вршат дома, што значи дека секоја работа може да се извршува дома доколку условите за работа тоа го овозможуваат и доколку со закон или друг пропис не се определени како работи кои не смеат да се вршат како работа дома.
4. Дали работодавачот е должен на работникот да му обезбеди услови за работа во случај на работа од дома?
Работникот ги ужива сите права од работен однос утврдени со ЗРО, меѓу кои и правото на безбедни услови за работа утврдени со Законот за безбедност и здравје при работа. Имено, работодавачот со цел заштита при работа на работникот, има обврска да обезбеди безбедни услови за работа дома. За таа цел тој е должен на работникот кој работи дома да му ги обезбеди заштитните средства кои е обврзан да ги обезбеди за извршување на истата работа и да ги преземе сите заштитни мерки кои треба да ги преземе за вршење на соодветната работа.
5. Дали работникот остварува право на плата во услови на работа од дома?
Кога се организира работа од дома, се претпоставува дека работникот ги извршува работните обврски во целост со нормален учинок, поради што има право на плата по сите основи: основна плата, додатоци на плата, надоместоци на плата.
Во случај на работа од дома, работникот има право на својата договорна плата, како и право на надоместок за употреба на своите средства за работа дома. Висината на надоместокот ја определуваат работодавачот и работникот во договорот за вработување.
6. Кои се обврските на работодавачот во врска со спроведувањето на мерките за безбедност при работа?
Работодавачот со цел заштита при работа на работникот, има обврска да обезбеди безбедни услови за работа дома. За таа цел тој е должен на работникот кој работи дома да му ги обезбеди заштитните средства кои е обврзан да ги обезбеди за извршување на истата работа и да ги преземе сите заштитни мерки кои треба да ги преземе за вршење на соодветната работа. Инспекторот на трудот може на работодавачот да му го забрани организирањето на работа дома, ако работата дома е штетна за работниците кои работат дома, или за животната и работната средина каде што се врши работата (член 51). Тука пред се се мисли на работи кои штетно може да влијаат на здравјето на работникот или околината.
7. Дали работодавачот може да го насочи својот вработен да работи кај друг работодавец заради тешкотии во работењето предизвикани од деловни причини?
Работодавачот, пред да го откаже договорот за вработување од деловни причини (технолошки, економски, организациони и слични промени), поради кои престанува потребата од вршење на определена работа, може на работникот да му понуди:
1) вработување кај друг работодавач без огласување, со преземање и склучување договор за вработување за вршење на работи кои одговараат на неговата стручна подготовка, односно квалификација; 2) стручно оспособување (обука, преквалификација или доквалификација за работа кај истиот или кај друг работодавач) или 3) нов договор за вработување.