Без оглед на позицијата и образованието, жените генерално заработуваат помалку од мажите, а поради пандемијата, јазот помеѓу половите може уште повеќе да се продлабочи...
Според најновиот извештај на PayScale, жените се загрозена категорија кога станува збор за финансискиот аспект по корона кризата.
Истражувањето покажува дека учителките и стјуардесите заработуваат 0.92 американски долари за секој 1 долар што оди во џебот на нивните машки колеги. Семејните доктори заработуваат 0.94 долари, а медицинските сестри 0.98 долари, дури и во време на пандемија.
Со оглед на тоа што многу училишта се затворени, жените веројатно ќе бидат приморани да ја напуштат работата, да земат боледување или неплатено отсуство за да се грижат за децата или постарите членови на семејството. Кога ќе дојде време да се вратат на работа, тие ќе добијат 7% пониска плата од кандидатот кој во моментов е вработен на истата позиција.
Пандемијата особено ја влоши состојбата на жените од работничката класа, а кои во моментов се без работа: постои шанса воопшто да не бидат вратени на работа или да им бидат понудени променети услови. Дури и да не ги напуштиле работните места за време на пандемијата, истражувањето покажува дека тие имаат поголеми шанси да добијат отказ отколку мажите.
Експертите велат дека корона кризата ќе фрли уште поголема светлина врз социјалната, половата и секоја друга разлика.
Емили Марин, пред Националниот центар за права на жените во САД, изјави дека “жените се презентираат како лица кои придонесуваат за економијата со пониски плати, а ова допрва излегува на виделина кога се закануваат толку многу откази”.
Жените сега заработуваат 98 центи на секој долар заработен од нивните машки колеги кои се вработени на истата позиција. Тоа значи дека тие во просек, заработуваат 80.000 долари помалку во текот на својата 40-годишна кариера.
Сепак, оние жени кои поради својата професија се наоѓаат на првата борбена линија со пандемијата, генерално се недоволно платени и имаат уште поголем предизвик да го премостат јазот, бидејќи тој е поголем од 98 центи за 1 американски долар.
Овој сооднос е релевантен само кога зборуваме за мажи и жени кои ја вршат истата работа, во спротивно, јазот е уште поголем: 81 цент наспрема 1 долар. Во 2019 година тој сооднос беше 79 центи наспрема 1 долар.
Постојат верувања кои велат дека кризата, за која многумина сметаат дека е полоша од Светската економска криза (2008/2009), би можела да ги повлече жените назад.
На пример, медицинските сестри кои сега работат со полно работно време и се изложени на поголем ризик, ќе добијат годишна плата од 62.200 долари, додека нивните машки колеги заработуваат 63.300 долари.
Докторките имаат годишна плата од 194.791 долар, додека докторите за 12 месеци работа заработуваат 208.000 долари.
Стјуардесите заработуваат 52.230 долари годишно, а стјуардите 56.800 долари.
Разлика постои и помеѓу вработените во маркетите. Просечната годишна плата за машки персонал е 23.500 долари, додека пак за женски изнесува 22.984 долари.