Битолска млекара изврши предвремено плаќање на вкупните аконтативни обврски за данок на добивка за тековната 2020 година во висина од 15 милиони денари, со надеж и верба дека на тој начин ќе придонесе кон ублажување на последиците од вонредната ситуацијата настаната поради пандемијата на КОВИД 19.
Истовремено, денес беше донирана и финансиска помош на Клиничката болница Битола за набавка на два пациент монитори, потребни за подобрување на болничките капацитети во справување со КОВИД 19. Во изминатиов период беа донирани и производи за најранливите групи граѓани во Битола коишто преку Црвениот Крст Битола ќе бидат распределени според потребите и евиденциите на локалната канцеларија за хуманитарна помош.
“Во период кога целото општество се соочува се една ситуација која за сите нас носи бројни непознаници, треба да ја покажеме нашата одговорност кон заедницата. Во овие моменти потребно е да делуваме заеднички и да покажеме единство со сите државни и општествени процеси. Во тие рамки ја ставаме и грижата за локалната заедница и реагираме соодветно за да помогнеме онаму каде има потреба. Упатуваме и апел до нашите сограѓани да се заштитат, да останат дома и да бидат безбедни, за оваа криза побрзо да помине“, изјавија од Бимилк.