Зголемување на свеста на граѓаните да возат одговорно, да избегнуваат да возат под дејство на алкохол за да не ги загрозат својот и животот на другите учесници во сообраќајот, е целта на кампањата за безбедност во сообраќајот насловена „Ги возиме одговорните“, промовирана денеска во Скопје.
Со кампањата ќе се мотивираат граѓаните да бидат одговорни кога посетуваат ресторан и консумираат алкохол односно да не управуваат со моторно возило. Како награда за тоа ќе добијат гратис ваучер за такси возење во износ од 100 денари. Со секоја он-лајн резервација направени преку www.restorani.mk гостите ќе добијат ваучер во ресторанот.
– Многу загрижуваат бројките на пијани возачи во нашиот град. Пред некој викенд дури 500 возачи беа фатени како возат под дејство на алкохол. Со вакви бројки воопшто не е ни чудо што сме на дното на листите на безбедност на улиците во европски рамки. Град Скопје и во иднина ќе ги поддржува сите иницијативи од овој вид, затоа што безбедноста на нашите сограѓани нема цена, истакна на прес-конференција градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.
Посочи дека со можноста нашите сограѓани кои имаат резервација преку www.restorani.mk да користат бесплатен такси превоз за враќање дома по добрата забава во некои од скопските ресторани, ваквата реалност на скопските улици може да се смени.
– Граѓаните на Скопје мора да заборават на своите автомобили кога консумираат алкохол. Јавниот превоз работи до доцна во ноќта. Такси цените се релативно евтини во споредба со другите европски градови, а сега нудиме и можност за бесплатен такси превоз, рече градоначалникот и упати апел до граѓаните да ја користат оваа услуга почесто, а со тоа да помогнат во кампањата за побезбеден град.
Целиот текст прочитајте го на lokalno.mk