„Комуникација, грижа, посветеност, човечност, разбирање и правична и целосна исплата за трудот и ангажманот. Можам да кажам дека се гордеам со покажаната сериозност и работниот ангажман на вработените во Хауз Мајстор Плус целиот овој изминат период и затоа сум им благодарен и тоа не се само мои лични оценки туку и оценки од нашите клиенти. “
Хауз Мајстор Плус како компанија со долгогодишно искуство во областа на управување и одржување на станбени и деловни објекти, професионални услуги за одржување на хигиена и професионални хаусмајсторски услуги (техничко одржување) во станбени и деловни објекти претставува почитуван партнер на повеќе од 100 реномирани домашни и странски компании во земјата, одржувајќи повеќе од 300 деловни објекти и управувајќи повеќе од 200 станбени згради во Скопје, согласно Законот за домување.
Го прашавме сопственикот на Хауз Мајстор Плус, Васе Самараков за тоа како компанијата се справува со вонредните услови:
1. Кои се мерките кои ги преземавте како компанија за заштита на здравјето на вашите вработени?
Здравјето на нашите вработени е најважно и затоа секогаш обрнуваме особено внимание на оваа тема од повеќе аспекти меѓу кои и со редовни здравствени прегледи и редовни обуки за здравје и безбедност при работа. Уште од самиот почеток на оваа пандемија секој наш вработен е обврзан да ги следи и почитува мерките и препораките од надлежните институции, да информира за секое нарушување на неговото здравје, за патувања надвор од државата изминатиот период, нивна или на член на нивното семејство, за контакти со лица кои се вратиле од странство или за контакти со евентуално заболени лица а и да бидат ослободени од работа вработените доколку имаат хронична болест.
Сите наши вработени се опремени со маски и ракавици кои ги носат при извршување на работните задачи и на дневна база сме во комуникација со нив за следење на состојбите на дневно ниво. На секој вработен му е дословно кажано дека доколку не се чуствува добро или доколку има симптоми е потребно веднаш да пријави, да исконтактира медицинско лице и да ги следи препораките. И во оваа прилика сакам да изразам благодарност до секој наш вработен како за ангажманот и посветеноста така и за почитување на мерките и препораките за заштита.
2. Како ја донесовте одлуката (имавте ли како компанија однапред подготвена стратегија за дејство во вонредна состојба или тоа го направивте сега)?
Искрено сметам дека никој не очекуваше вакво нешто и затоа сметам дека ретко која компанија имаше подготвена стратегија за ова.
Голема предност за нас како компанија се нашите контакти и нашата соработка со странски компании од кои еден дел и пред прогласувањето на вонредната состојба во државата веќе имаа отпочнато со активности поврзани со превенција и заштита и тоа направи порано да подготвуваме и да разгледуваме потреби од мерки, средства и организираност на ресурсите. Ние практично како компанија веќе еден месец сме со посебна организираност и фокусирани кон услугите и клиентите, што по прогласувањето на вонредната состојба само дополнително се интензивираше, со многу работа и постојани контакти со нашите вработени и клинтите.
3. Што е она што го преземате за заштита на вашите клиенти и потрошувачи?
Хауз Мајстор Плус има долгогодишна деловна соработка со голем број на реномирани домашни и странски компании чии објекти ги одржуваме, со стотици станбени згради кои ги управуваме и со илјадници физички лица кои се корисници на нашите услуги. Интересот на сите нив за нас е основен приоритет и водилка во нашата работа и затоа сме во постојана комуникација со сите наши клиенти. Уште од 10 март започнавме на чистење на заедничките делови во зградите што ги управуваме со средства за дезинфекција, што како што сум запознат бевме први што започнавме со дезинфекција на заедничките делови во зградите.
Дополнително извршивме и вонредно прскање со средства за дезинфекција а во одредени згради во соработка со станарите започнавме и со поставување на диспанзери за дезинфекција на раце во влезовите. Овие мерки беа поздравени од станарите а истовремено и препознати како успешни и од останатите компании но и од општините кои започнаа со дезинфекции или почнаа да доделуваат средства за дезинфекција на заедниците на станари и на управителите. Многу е важно во вакви вонредни состојби и околности сите заедно и приватниот и јавниот сектор да делуваме секој колку што можеме во превенцијата и почитување на мерките и препораките и во интерес на клиентите. Во овој контекст сакам да спомнам и дека за кратко време ќе овозможиме на нашите клиенти онлајн плаќање на месечните фактури, преку нашата веб страна што истотака е во функција на излегување во пресрет на клиентите.
Во однос на преземените активности со компаниите чии објекти ги одржуваме прва и основна работа беше дополнително да го зајакнеме степенот на хигиена во објектите и да имаме замени при евентуално отсуство на дел од вработените, обезбедивме и дистрибуиравме средства за дезинфекција, во одредени компании спроведовме и низа на дополнителни активности поврзани со одржувањето на хигиената и дезинфекцијата во заедничка комуникација и согласно барањата на клиентите. Паралелно со тоа постојано се адаптираме на променетото работно време на нашите клиенти а со цел ефикасно да излеземе во пресрет на нивните потреби.
4. Кој е најголемиот предизвик со кој се соочивте деновиве?
Во овој период предизвиците за секој поединец а посебно за секоја компанија се огромни и исклучително сериозни. Предизвиците за Хауз Мајстор Плус во овој период се што е можно подобро да се менаџираат секојдневните активности кои верувајте се многу поинтензивни и подинамични. Редовното одржување на хигиената во објектите што ги одржуваме, постојаната употреба на средствата за дезинфекција, постојаните промени на распоредите за работа во согласност со потребите на клиентите, потребите да се стигне секаде и квалитетно да се извршат услугите, се само дел од нашите предизвици со кои се соочуваме. Тука е и постојаната потреба за набавки на средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици. Предизивиците се големи а сметам дека уште поголеми предизвици следат за сите компании од аспект на ликвидност и финансиска одржливост.
5. Какви се вашите предвидувања во однос падот на профитот на компанијата и кои се вашите планови за минимизирање на загубите?
Пред нас е сериозен национален економски предизвик кој сметам дека допрва доаѓа и кој мислам дека ќе има сериозни последици и негативни ефекти.
Предвидувањата за жал се негативни, по негативни и од кризата во 2009 година. Очигледно е дека ќе имаме сериозен пад и проблеми при наплата и тој негативен домино ефект ќе се одрази во работењето на сите компании. Директно или индиректно сме во редовна комуникација со над 100 компании и можам да кажам дека состојбата е алармантна и последиците ќе бидат далекусежни. Истовремено очекуваме сериозно да се намали и наплатата од физичките лица во домувањето, што можеби сега ќе дојде и до 60% што ќе претставува сериозен проблем. Бидејќи ќе се создаваат долгови на зградите и станарите.
Долгови за електрична енергија, вода, лифтови, одржување, хигиена и сл. И затоа апелирам до станарите во домувањето колку што можат да ги подмируваат обврските бидејќи акумулирањето на долгови ќе создаде дополнителни проблеми како за нив така и за колективното домување. Како ќе се минимизираат загубите? Единствено со сериозна конкретна финансиска помош и поддршка од државата кон стопанството. Единствено финансиски поддржаниот приватен сектор и стопанството можат да бидат двигателот на економијата по излегување од оваа вонредна состојба. Конкретни мерки мора да има веднаш бидејќи состојбите се алармантни.
6. Што е она што вие лично го преземате за да ги смирите и мотивирате вработените во вонредна состојба?
Комуникација, грижа, посветеност, човечност, разбирање и правична и целосна исплата за трудот и ангажманот. Можам да кажам дека се гордеам со покажаната сериозност и работниот ангажман на вработените во Хауз Мајстор Плус целиот овој изминат период и затоа сум им благодарен и тоа не се само мои лични оценки туку и оценки од нашите клиенти.
7. Што би додале како поддршка или продолжение на нашиот слоган “во вонредна одговорни“?
Секогаш одговорни! Не само во оваа состојба туку постојано и секогаш одговорни. Одговорни кон себе, кон нашите најблиски и постарите, нашите соседи, колеги, пријатели и нашите најмлади. Одговорни за личното и колективното здравје. Одговорни кон компаниите, деловните партнери, кон економијата, кон зачувување на работните места и кон државата. Таа одговорност мора да биде презентирана од секој како поединец, од секоја компанија а секако и од институциите. Само со одговорен и сериозен пристап може да излеземе од оваа сериозна состојба.