Шпанската влада објави упатства за враќање на дел од вработените на работа откако е забележан најнизок раст на смртни случаеви од Ковид-19 од 23ми март.
Мнозинството Шпанци од средината на март се затворени во своите домови, а работат само компании во секторите што се сметаат за стратешки важни.
Како и да е, од овој понеделник, шпанската влада даде зелено светло за рестартирање на некои индустрии, како што се градежништвото и производството, дозволувајќи им на илјадници работници да се вратат на работа, пренесува Бизнис Инсајдер.
Според упатствата издадени од Кабинетот на Премиерот во саботата, компаниите што ќе започнат со работа се обврзани да обезбедат соодветна заштитна опрема, а вработените мора да бидат оддалечени најмалку два метри едни од други.
Безбедносните сили ќе обезбедат 10 милиони маски кои ќе бидат доставени до центрите за јавен превоз. Нивната употреба се препорачува, но не е и задолжителна.
Властите предупредуваат дека ситуацијата во Шпанија и натаму останува алармантна и дека не треба да се размислува за опуштање во борбата против пандемијата.
Според податоците од саботата, бројот на нови смртни случаи во еден ден во Шпанија се зголемил за 510 на 16.353, а бројот на потврдени случаи на зараза во земјата се искачи на 161.852.