Синдикатот на индустрија, енергетика и рударство на Македонија ја поздрави владината одлука за вработувањата на неопределно време во основните и средните училишта, пришто уште еднаш потсети дека таквото право треба да го уживаат сите вработени во државата.
СИЕР долго време инсистира на промена во Законот за работни односи во делот каде е дозволено работниот однос да се заснова на определено време кај ист работодавач во период од 5 години. Според сите критериуми согласно меѓународните конвенции и директиви за достоинствена работа, работењето по договор на определо време се вбројува во категоријата несигурна работа. Затоа, СИЕР постојано укажува и изнесува сериозни аргументи против законското решение. Упатени се писмени барања до повеќе министри во надлежното Министерство за труд и социјална политика, особено во последниве три години и јасно е укажано на тоа дека законот треба да се промени“, велат од синдикатот.
Додаваат дека во земјава, а посебно во приватниот сектор вработувањата се прават на определено време. Тие се децидни дека пет години е премногу долг период за работодавачот да се увери во квалитетите на работникот.
Законот дозволува пробна работа при прием на работник, така што е излишно во толку долг период од 5 години да се работи со договори на определено време. Да е апсурдот уште поголем, договорите најчесто се склучуваат на еден до три месеци, многу ретко на подолг рок. Многу често рокот од 5 години се продолжува без никакви ограничувања, бидејќи тоа малку се контролира од надлежните инспекции. Затоа, уште еднаш апелираме за промена во законот, а за сигурни работни места за сите работници, не само во образованието.“, порачуваат од синдикатот.